По успешните регионални гостувања во Црногорско народно позориште (ЦНП), Црна Гора, и Народно позориште Сараево, Босна и Херцеговина, Македонскиот народен театар на 5 јуни ќе гостува со претставата „12“ во Казалиште „Марин Држиќ“ во Дубровник, Република Хрватска.
Казалиште „Марин Држиќ“ континуирано соработува со бројни театарски институции и ансамбли, носејќи на својата сцена разновидни продукции и современи драмски остварувања наменети за публика од сите генерации.
Дубровник има богата и долга театарска традиција и значајно место во хрватскиот и регионалниот културен контекст. Низ историјата, театарот е препознатлив по развиената драмска книжевност, сценски израз и богата театарска дејност, што му обезбедува особено место во културниот живот на Хрватска и на просторот на поранешна Југославија.
Македонскиот народен театар ќе настапи со претставата „12“, работена по мотиви на култното дело „12 Angry Men“ од Реџиналд Роуз, во адаптација и режија на Синиша Евтимов.
Во претставата настапуваат: Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Нино Леви/Сенко Велинов, Дамјан Цветановски/Оливер Митковски, Владо Јовановски и Сашко Коцев.
Претставата „12“ е едно од најактуелните и најгледани остварувања на репертоарот на Македонскиот народен театар, кое преку моќна актерска игра и современ театарски израз отвора универзални прашања за правдата, одговорноста, предрасудите и човековата совест.
Со ова гостување, Македонскиот народен театар продолжува активно да ја афирмира македонската театарска уметност на регионалната сцена и да ја зајакнува културната соработка со значајни театарски институции од регионот.
Текстот МНТ гостува во Дубровник со култната претстава „12“ е превземен од МАКФАКС.





















