НАТО е подготвен да ја брани секоја педа од својата територија, изјави генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте, откако беспилотно летало удри во станбена зграда во Романија, членка на Алијансата, за време на синоќешниот руски напад врз соседна Украина.
„Неодговорното однесување на Русија претставува опасност за сите нас. Синоќа уште еднаш покажа дека последиците од нелегалната агресивна војна на Русија не запираат на границата“, напиша Руте на социјалната мрежа X.
Тој додаде дека НАТО ќе продолжи да ги зајакнува своите капацитети за одвраќање и одбрана на сопствената територија и ќе продолжи да ја поддржува Украина во нејзината одбрана од руската агресија.
„Ние ќе продолжиме да го зајакнуваме нашето одвраќање и одбрана и ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина додека се брани од руската агресија“, рече Руте.
Во ударот на руски дрон во станбена зграда во Галац се повредени две лица. Ова е првпат во време на војна беспилотно летало да погоди густо населена област во Романија, со повредени.
Инцидентот во Романија, членка на Европската Унија, веројатно ќе ги зголеми тензиите на источното крило на НАТО во време кога сојузниците на Украина се загрижени за прелевањето на војната на Русија против нејзиниот сосед преку нејзините граници.
„Ја осудуваме неодговорноста на Русија и НАТО ќе продолжи да ја зајакнува својата одбрана од сите закани, вклучително и беспилотните летала“, напиша портпаролот на НАТО на Твитер.
фото/Depositphotos
Текстот Руте по нападот со беспилотно летало во Романија: НАТО е подготвен да ја брани секоја педа од својата територија е превземен од МАКФАКС.






















