Европската унија треба да ги прифати земјите од Западен Балкан, кои со години беа кандидати пред Украина, изјави унгарскиот премиер Петер Маѓар.
„Едногласно мислење е не само на Унгарија, туку и на речиси сите влади на земјите-членки на ЕУ дека не можат да постојат два различни начини на пристапување. Секој што сака да се приклучи на ЕУ мора да помине низ истите процедури и да ги исполни истите услови“, рече Маѓар во изјава за австриската новинска агенција „АПА“ во Виена.
Во врска со интеграцијата во ЕУ, тој повика Унијата прво да ги прифати оние земји-кандидатки кои со години се подготвуваат за пристапување, кои направиле многу жртви, презеле обврски и исполниле ветувања, пред да им ветат каков било статус на нови земји. Тој истакна дека во спротивно ЕУ ќе го изгуби кредибилитетот во земјите од Западен Балкан, пренесува „Хирадо“.
Маѓар, исто така, истакна дека стабилноста и безбедноста на Балканот им служат на интересите не само на регионот, туку и на Европа. „Затоа би сакал да ги охрабрам сите прво заедно да ги исполниме нашите претходни обврски пред да дадеме разни ветувања во име на Европската Унија“, додаде тој.
Што се однесува до евентуалното пристапување на Украина во ЕУ, тој рече дека тоа нема да биде можно утре или задутре, но, ако воопшто биде, тоа ќе биде најрано за десет години.
Унгарскиот премиер го привлече вниманието на фактот дека ако Украина ги исполни условите, војната заврши и сè уште сака да биде членка, Унгарија ќе одржи референдум за ова прашање.
Тој нагласи дека Унгарија нема да биде сама во ЕУ во ова, бидејќи неколку земји веќе одржаа референдуми за пристапување на други земји-членки на ЕУ.
Во врска со новиот пакт за миграција и азил, Маѓар нагласи дека Унгарија го дели ставот на Австрија дека ЕУ мора да ги заштити своите надворешни граници, што исто така бара посилни мерки против нелегалната имиграција, пренесува Танјуг.
Тој истакна дека, според една одредба од пактот, во случај на силен миграциски притисок или масовна имиграција, државите мора или да прифатат баратели на азил или да платат за нив.
„Унгарија, секако, не може да го прифати тоа, но верувам дека не сме сами во ова“, рече тој.
Според него, постои и можност за обезбедување помош на други земји од ЕУ во заштитата на нивните надворешни граници.
Текстот Маѓар: ЕУ треба да ги прифати земјите од Западен Балкан пред Украина е превземен од МАКФАКС.























