Холивудскиот актер Николас Кејџ привремено не може да живее во својата луксузна вила во Малибу, откако во септември во нејзина непосредна близина се отворила огромна дупка во земјата. Поради сериозните оштетувања на имотот, проценет на 10,5 милиони долари, актерот е принуден да престојува во хотели.

„Моментално сум малку бездомник. Нешто се случи со мојата куќа во Малибу, па главно живеам по хотели“, изјавил Кејџ на конвенцијата „Л.А. Комик Кон“, пренесува „Пејџ сикс“.

Фотографиите од 8 септември покажале дека асфалтот и бетонот на приодот кон вилата испукале и се урнале, при што се создала голема дупка. Оштетувањата се прошириле и на блискиот пат, поради што седум куќи биле прогласени за небезбедни за живеење, а пристапот до уште 24 објекти станал опасен.

Кејџ побарал дозволи од градските власти за санација на оштетувањата и заштита на имотот од понатамошно пропаѓање на теренот и крајбрежна ерозија. Дел од дозволите веќе се одобрени, но сè уште не е познато кога актерот ќе може да се врати во својот дом.