Бројот на егзекуции низ целиот свет го достигна највисокото ниво што го забележа Амнести Интернешнл од 1981 година, со 2.707 егзекутирани лица во 17 земји во 2025 година, соопшти групата за човекови права во својот последен годишен извештај за смртната казна.
„Овој алармантен пораст на употребата на смртната казна е резултат на мала, изолирана група држави подготвени да извршуваат егзекуции по секоја цена, и покрај тековниот глобален тренд кон укинување“, изјави денес шефот на Амнести Интернешнл, Ањес Каламар.
„Водечките светски џелати“
Каламар ги издвои Кина, Иран, Северна Кореја, Саудиска Арабија, Јемен, Кувајт, Сингапур и САД, велејќи дека „ова бесрамно малцинство ја користи смртната казна како оружје за всадување страв, задушување на несогласувањето и демонстрирање на влијанието што државните институции го имаат врз луѓето во неповолна положба и маргинализираните заедници“.
Амнести предупредува дека порастот, кој организацијата го опишува како „зачудувачки“, е резултат на неколку влади решени да владеат со страв. Иран се издвојува, каде што се егзекутирани најмалку 2.159 лица, што е повеќе од двојно повеќе отколку во 2024 година.
Вкупниот број за 2025 година не ги вклучува илјадниците егзекуции за кои Амнести интернешнл верува дека продолжиле да се извршуваат во Кина, која е меѓу водечки светски извршител на смртни казни.
Други истакнати земји се Саудиска Арабија со најмалку 356 егзекуции, претежно за кривични дела поврзани со дрога, САД со 47 егзекуции и Египет со 23. Во 2025 година, егзекуциите се зголемија за 78% откако во 2024 година беа регистрирани најмалку 1.518 егзекуции, соопшти Амнести Интернешнл во својот извештај.
Текстот Амнести Интернешнл: Најголем број егзекуции во светот минатата година, Иран и Кина – водечки светски џелати е превземен од МАКФАКС.























