Потрагата по кобрата која пред четири дена била забележана во близина на Тулуз продолжува и денес, но без успех, соопштија локалните власти.
Според префектурата на департманот Горна Гарона, отровната змија сè уште не е пронајдена, и покрај интензивната потрага во која учествуваат пожарникари, жандармерија и локална полиција, пренесува RTL.
Жителите претходно биле предупредени за присуство на кобрата, по што превентивно биле затворени паркови, гробишта и спортски терени во местото Кастелгинест и околината.
Локалните власти наведуваат дека змијата последен пат била видена во четврток навечер во близина на соседното место Сен Албан.
„Информациите со кои располагаме укажуваат дека овој вид кобра не бара контакт со луѓето. Таа се обидува да се скрие и се храни со помал плен“, изјавил заменик-префектот на департманот Дејвид Фолц, оценувајќи дека „реалната опасност е вознемирувањето на нејзината околина“.
Тој им препорачал на граѓаните, во случај на средба со змијата, полека да се оддалечат без нагли движења и веднаш да ги известат итните служби.
Во потрагата учествуваат околу петнаесет пожарникари опремени со дронови со термални камери, додека на терен се поставени и стапици за фаќање на рептилот.
Француските власти соопштија дека ќе биде покрената истрага за потеклото на животното, бидејќи држењето на овој вид змија е забрането во Франција.
Текстот Дронови и термални камери трагаат по смртоносна кобра е превземен од МАКФАКС.























