СДСМ бара оставка од јавниот обвинител Ненад Савевски по, како што велат од партијата, скандалот со телефонските нарачки од премиерот, Христијан Мицкоски.

„Премиерот и обвинителот си се договараат по телефон за предмети и тек на истрага. Мицкоски нарачува, а Савевски испорачува. Слушнавме како Мицкоски дели задачи од собраниска говорница, со неговите чувства, слушнавме како елиминира независни обвинители од постапка на телевизија, сега и по телефон дека дели задачи. Ете така изгледа партизираното судство и обвинителство во Македонија“, изјави Александар Саша Димитријевиќ од СДСМ.

Според него, затоа нема одговори за 161 тендер за семејната фирма на Томовски, за 51 тендер преку општините за омилената фирма на власта Пирамид Билдинг, за 74 тендери за Ленди груп фрима, за 9 милиони евра за фирма со само двајца вработени, за тендерот од 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта.

„Нема одговор за кривичната пријава против Христијан Мицкоски. Нема одговор за кривичната пријава против сопствениците на Орбановата Алфа ТВ. Нема правда, има контролирано судство и обвинителство лично од Мицкоски. Обвинителот Ненад Савевски после овој скандал треба да си даде оставка“, рече Димитријевиќ.

Тој кажа дека поради сомнеж во независноста на обвинителството, СДСМ не гласало за него.

Мицкоски вчера прв пат му се јавил на државниот јавен обвинител: Савески за одлуката за мазутот дознал по нејзиното донесување