Страницата “Урбана и организирана Битола“ предлага Денот на албанската азбука, кој има историско значење за Битола, да прерасне во голем меѓународен културен фестивал, со кој градот би се промовирал како центар на културата, музиката и традицијата.

Во објавата се предлага неколкудневна манифестација со концерти на познати албански музички изведувачи, културни настани, уметност и гастрономија, која би привлекла илјадници посетители од Северна Македонија, Албанија, Косово и дијаспората.

Како пример за потенцијалот на ваков настан, се споменува и можноста за концерт на светски познатата пејачка Дуа Липа во Битола, што, според авторот на објавата, би донело голем број туристи и значителни економски придобивки за хотелите, рестораните, кафулињата и локалните бизниси.

„🇲🇰🇦🇱 Зошто Денот на албанската азбука во Битола да не прерасне во голем меѓународен фестивал?

Замислете Битола неколку дена да биде центар на албанската култура, музика, уметност и традиција. Концерти со познати албански изведувачи, културни манифестации, гастрономија, илјадници посетители од Македонија, Албанија, Косово и дијаспората.

Замислете само Дуа Липа да одржи концерт во Битола! 🎤 Колку туристи би дошле? Колку хотели, ресторани, кафулиња и локални бизниси би имале корист?

Сигурно некој ќе праша: „Зошто во Македонија да се слави албанската азбука?“

А јас би прашал: Зошто да не?

Токму во Битола се одржал историскиот Конгрес на албанската азбука во 1908 година. Тоа е дел од историјата на нашиот град, без оглед на нашата етничка припадност.

Почитувањето на туѓата култура не значи откажување од сопствената. Напротив, народ кој ја почитува својата историја треба да знае да ја почитува и историјата на другите.

Културата не познава граници, а туризмот не прашува за националност.

Битола има можност од еден историски датум да создаде препознатлив меѓународен културен настан, кој ќе носи пријателства, меѓусебно разбирање, економски придобивки и нов живот во градот.

На крајот, богатството на еден град не се мери само со неговите споменици, туку и со неговата способност да ги обединува луѓето.

Битола отсекогаш била град на култури, јазици и традиции. Зошто тоа да не стане една од нејзините најголеми предности?

Искрено, од срце — Urime Dita e Alfabetit Shqip! 🇦🇱❤️🇲🇰 – пишува ова страница.