Пратеникот од Левица, Саше Јанчев, предупреди дека повторно се прават обиди за активирање на проектот за изградба на мали хидроцентрали на реката Дошница на планината Кожуф.
Јанчев, кој присуствуваше на вчерашниот протест и собир во Гевгелија заедно со велосипедисти, планинари, еко-активисти и граѓани, порача дека јавноста нема да дозволи повторно уништување на природните богатства.
Тој потсети дека минатото лето граѓани од целата држава 72 дена ја блокирале планината Кожуф со цел да ја заштитат реката Дошница од изградба на мали хидроцентрали.
„И блокадата беше успешна. Проектот за мали хидроцентрали на Дошница беше успешно блокиран“, наведе Јанчев.
Според него, и покрај минатогодишните протести и бројните укажувања за штетноста и неефикасноста на ваквите проекти, повторно се подготвува терен за реализација на спорниот проект.
„Разумно ќе беше страните кои го буткаат овој проект да се повлечат. Наместо тоа, дознаваме дека се прават планови да се качи тешка машинерија на Кожуф со цел да се почне со работа на малите хидроцентрали“, истакна пратеникот.
Јанчев посочи дека вчерашниот собир во Гевгелија бил јасна порака дека граѓаните внимателно ја следат состојбата и се подготвени повторно да излезат на терен во одбрана на природата.
„Пораката е дека знаеме што се спрема и дека народот е спремен повторно да си ги брани реката и планината“, порача Јанчев.
Текстот Јанчев: Народот е повторно подготвен да ги брани Дошница и планината од малите хидроцентрали е превземен од МАКФАКС.























