Институтот за јавно здравје извести дека ја следи состојбата поврзана со пријавениот мултинационален кластер на случаи на инфекција со хантавирус поврзан со патување на крузерот MV Hondius во регионот на јужниот Атлантски Океан.

„Според информациите објавени од Светската здравствена организација (WHO), Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC) и националните здравствени власти на засегнатите земји, досега се регистрирани 8 потврдени како и сомнителни случаи кај патници и членови на екипажот, вклучително и 3 смртни исходи. Епидемиолошките, клиничките и лабораториските испитувања се во тек, а меѓународните здравствени институции спроведуваат координирана истрага со цел утврдување на изворот на инфекцијата, можниот начин на изложеност и проценка на ризикот.

Според моментално достапните информации, изложеноста најверојатно е поврзана со активности и престој во области каде постои природно присуство на глодари – природни резервоари на хантавирусите. Во тек е дополнителна анализа за утврдување на точниот тип на вирусот и евентуалните фактори кои придонеле за појавата на кластерот.

Во овој момент нема регистрирани случаи, патници или блиски контакти поврзани со Република Северна Македонија, ниту постојат индикации за ризик по јавното здравје во државата“, велат од ИЈЗ.

„Хантавирусите претставуваат група на зоонозни вируси кои циркулираат кај различни видови глодари. Луѓето најчесто се инфицираат преку вдишување на аеросоли контаминирани со урина, измет или секрети од инфицирани глодари, како и преку директен контакт со контаминирани површини.

Ограничен пренос од човек на човек е документиран само кај одредени типови на хантавирус и се смета за редок. Заболувањето може да се манифестира со различна клиничка слика, од лесна фебрилна болест до потешки форми со зафатеност на бубрезите или белите дробови.Клинички најчесто се манифестираат во два основни синдроми: хеморагична треска со бубрежен синдром, која е регистрирана во нашата земја и хантавирусен белодробен синдром.

Хеморагичната треска со бубрежен синдром претежно се јавува во Европа и Азија, а е предизвикана од вируси како Hantaan, Dobrava-Belgrad и Puumala. Болеста обично започнува нагло, со висока температура, главоболка, болки во грбот и стомакот, како и општа слабост, а подоцна се развиваат бубрежен синдром (намалено излачување или целосен престанок на излачување урина) и хеморагичен синдром (зголемена пропустливост на крвните садови и крварења во кожата, слузокожите и органите). Смртноста е релативно ниска и се движи од 1% до 15%.

Хантавирусниот белодробен синдром, познат и како хантавирусен кардиопулмонален синдром, се јавува главно во Северна и Јужна Америка, а најчесто е поврзан со Sin Nombre вирусот. За разлика од Хеморагичната треска со бубрежен синдром, се карактеризира со доминантно зафаќање на белите дробови.

Почетните симптоми се неспецифични и потсетуваат на грип (температура, малаксаност, болки во мускулите), но брзо се развива респираторна инсуфициенција. Има значително повисока стапка на смртност.

Кај повеќето хантавируси, вклучително и оние кои предизвикуваат Хеморагичната треска со бубрежен синдром во Европа (на пример Puumala и Dobrava-Beograd вирус), не е докажан пренос меѓу луѓе. Инфекцијата речиси секогаш се случува преку контакт со излачевините од заразени глодари. Меѓутоа, кај Andes вирусот во Јужна Америка е потврден ограничен интерхуман пренос, најчесто при близок контакт (на пример членови на семејство, здравствени работници) преку респираторни секрети во раната фаза на болеста.

Не постои специфична антивирусна терапија или вакцина за хантавирусна инфекција. Лекувањето е супортивно. Превенцијата на хантавирусните инфекции првенствено зависи од намалување на контактот помеѓу луѓето и глодарите.

Според моменталните сознанија и проценките на меѓународните здравствени институции, ризикот за пошироката популација останува низок.

Светската здравствена организација и Европскиот центар за превенција и контрола на болести во моментов не препорачуваат воведување дополнителни рестриктивни мерки за патување или трговија. Сепак, се препорачува зголемена внимателност при престој во области каде постои ризик од изложеност на глодари и нивни излачувања.

Институтот за јавно здравје останува во постојана комуникација со меѓународните здравствени мрежи за рано предупредување и одговор, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за сите нови сознанија, проценки на ризик и евентуални препораки.

Одделението за вирусологија при ИЈЗ располага со реагенси за детекција на оваа група вируси“, се додава во соопштението од Институтот.

Текстот ИЈЗ: Ја следиме состојбата со хантавирусот, во моментов нема регистрирани случаи, патници или блиски контакти поврзани со Македонија е превземен од МАКФАКС.