Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, денес изјави дека главни приоритети на Европската Унија (ЕУ) се зајакнување на прекинот на огнот на Блискиот Исток и обезбедување непречен поморски сообраќај низ Ормускиот теснец, истовремено поддржувајќи ги преговорите меѓу Соединетите Американски Држави и Иран.
Во изјава за „Ал Џезира“, Кошта изјави дека ЕУ има две клучни задачи, имено да го направи постојниот прекин на огнот во регионот траен и да обезбеди слободен премин низ Ормускиот теснец.
Тој истакна дека Унијата ги поддржува разговорите меѓу САД и Иран, кои, како што изјави, се водат со посредство на Пакистан, како и дека регионалните медијатори, вклучувајќи го и Катар, играат значајна улога во овој процес.
Кошта додаде дека ЕУ очекува идната меѓународна иницијатива да придонесе за укинување на ограничувањата и стабилизирање на ситуацијата во Ормускиот теснец, што е од клучно значење за глобалната енергетска безбедност.
Претседателот на Европскиот совет, исто така, оцени дека разоружувањето на либанското милитантно движење Хезболах е клучно за постигнување мир и стабилност во Либан, со порака дека ЕУ ги поддржува напорите на либанските власти во оваа насока.
„Ги поддржуваме властите во Либан во нивните напори за разоружување на Хезболах. Единствениот одржлив начин за решавање на кризата во таа земја е зајакнување на државните институции и воспоставување државен монопол врз оружјето“, рече Кошта, пренесува Танјуг.
Текстот Кошта: Приоритети на ЕУ се мир на Блискиот Исток и слободен премин низ Ормускиот теснец е превземен од МАКФАКС.























