Европската Унија повика на итен прекин на непријателствата во Либан, изразувајќи загриженост за цивилните жртви. Повикот доаѓа во време кога израелските напади ескалираат и покрај дипломатските напори за смирување на тензиите во регионот, пренесува Анадолија.

„Го повторуваме нашиот повик за итен прекин на непријателствата во Либан, кои сериозно ги погодуваат цивилите“, изјави високата претставничка на ЕУ, Каја Калас. Таа ги повика сите страни „целосно да го почитуваат прекинот на огнот низ целиот регион“.

Калас додаде дека слободата на пловидба и слободниот и безбеден премин низ Ормускиот теснец мора да се обезбедат во согласност со меѓународното право. Таа го поздрави прекинот на огнот договорен меѓу САД и Иран и ги пофали Пакистан и другите регионални партнери за нивните напори за медијација.

„Сите страни мора да го почитуваат меѓународното хуманитарно право и да ги заштитат цивилите, цивилната инфраструктура, мировниците на ОН и хуманитарниот персонал“, рече таа.

Таа нагласи дека дипломатијата е клучна за решавање на преостанатите прашања и ги повика страните да продолжат да работат со добра волја за да постигнат одржлив договор. „Сега е време да се осмисли сеопфатна стратегија за траен мир на целиот Блиски Исток“, рече таа.

Текстот Поради цивилните жртви, ЕУ повикува на итен прекин на огнот во Либан. е превземен од МАКФАКС.