По повеќе од десет години Министерството за здравство ја ажурираше есенцијалната листа на лекови и во неа првпат стави лекови за одвикнување од пушење и контрацептивни средства. Координаторот на работната група која ја ажурираше  есенцијалната листа на лекови, професорот Зоран Стерјов, кажа дека е зголемен и бројот на антиинфективни лекови и ажурираната листа има значително поголем број лекови.

„Во есенцијалната листа за прваат имаме и никотинска заместителна терапија, тоа се трансдермалните фластери и никотинските гуми за џвакање. Понатаму имаме едно контрацептивно средство, направена е реорганизација и на антиинфективните лекови кои што беа присутни досега, зголемен е бројот на антиинфективни лекови кои сега се наоѓаат на есенцијалната листа и имаме значително зголемен број лекови во однос на старата листа“, рече координаторот Стерјов.

Никотинските фластери и гуми за џвакање за одвикнување од пушење се ставени на есенцијалната листа, но за нив пациентите ќе плаќаат целосна сума оти не се на позитивната листа на лекови која е на товар на Фондот за здравствено осигурување. Стерјов очекува со ставањето на овие лекови на есенцијалната листа тие да станат подостапни за пациентите и матичните лекари да почнат да ги пропишуваат.

„Она што е многу значајно е тоа што кога лековите се наоѓаат на есенцијалната листа тоа значи препознавање и од страна на државата за неопходноста од нивното присуство во државата, односно да бидат достапни. Тоа поттикнува нивна достапност, а советувалиштата кои постојат за одвикнување од пушење и матичните лекари кои ќе ја имаат предвид есенцијалната листа кога ќе видат дека ги има тие препарати, достапноста ќе се зголеми и ќе почнат да ги пропишуваат“, рече Стерјов.

Есенцијалната листа е направена по моделот од Светската здравствена организација (СЗО) и ги има сите 32 групи на лекови кои ги има и моделот од СЗО. Аким Али, претставникот на СЗО во земјава, на денешната прес-конференција за ажурираната есенцијална листа рече дека е многу задоволен од тоа што на листата се најдоа лекови кои се за превенција, покрај оние кои се за третман на заболувања.

Министерот за здравство Азир Алиу рече дека на оваа листа со години наназад не се посветувало внимание и таа последен пат била ажурирана во 2015 година што било причина за него и неговиот тим да се посветат на подготовка на нова, модернизирана листа базирана на научни докази и меѓународни стандарди.

Текстот Матичните лекари ќе можат да пропишуваат никотински фластери и гуми за џвакање за одвикнување од пушење и контрацепција е превземен од МАКФАКС.