Силна промена на времето ја зафати Хрватска, каде над Јадранот се наоѓа циклон што носи облачно време низ целата земја, дожд, поројни врнежи и грмежи на морето, додека во внатрешноста врнежите се засилуваат, пренесе Нова.рс.
Во Горски котар и делови од северозападната внатрешност паѓа снег проследен со силен ветер, што значително го отежнува сообраќајот.
Во текот на денот се очекува дополнително зголемување на снежната покривка, додека обилните врнежи од дожд можат да предизвикаат поплави, особено на северниот Јадран, во Горски котар, Лика и на подрачјето на Карловац.
Метеоалармот е подигнат на највисоко, црвено ниво за северниот Јадран и Горски котар, а метеоролозите предупредуваат и на нагло заладување – во одделни делови од внатрешноста температурата може да опадне и до 15 степени.
Во внатрешноста дождот на места преминува во суснежица и снег, додека во планинските предели се очекува формирање на подебела снежна покривка, проследена со виулици и снежни наноси. Дува умерен до силен северен и североисточен ветер, повремено и со оркански удари, додека на Јадранот југото и југозападниот ветер ќе преминат во бура, локално со оркански налети под Велебит.
Снегот веќе во раните утрински часови почнал да се задржува на патиштата во Горски котар, а предупредувања се издадени и за подрачјето на Госпиќ, каде висината на снежната покривка може да достигне и до половина метар.
Граѓаните во погодените области добиваат предупредувања од надлежните служби преку пораки, со апел за максимална внимателност поради исклучително опасните временски услови. Се препорачува избегнување на непотребни патувања, следење на официјалните информации и прилагодување на движењето на состојбата на терен, со предупредување дека обилните врнежи, силниот ветер и наглото заладување можат да ја загрозат безбедноста на луѓето и имотот.
Сообраќајот е отежнат низ целата земја, патиштата се мокри и лизгави, а на одделни делници има задржување на поголема количина вода. Во Горски котар и Лика владеат зимски услови, додека силниот ветер на приморјето дополнително го отежнува возењето и воведува забрани за одредени категории возила. Поради снегот, моментално нема слободен патен правец за товарни возила меѓу внатрешноста и приморјето.
На автопатот А6 Босилјево–Риека снегот за кратко време го покрил коловозот, додека на државниот пат ДЦ3 кај Горње Јелење се случила сообраќајна несреќа кога автобус удрил во карпа, поради што сообраќајот се одвива отежнато по една лента.
Надлежните апелираат до возачите и граѓаните на зголемена внимателност, прилагодување на движењето кон условите на терен и одложување на патувањата кон најзагрозените подрачја.
Текстот (Видео) Силно невреме со снег и дожд во Хрватска, граѓаните во погодените области добиваат предупредувања од надлежните е превземен од МАКФАКС.























