Земјите-членки на Европската Унија имаат доволно резерви на нафта и гас и покрај нарушените синџири на снабдување поради војната на Блискиот Исток, изјави денес Европската комисија.

„Многу помалку сме загрижени за безбедноста на снабдувањето отколку за високите цени на енергетските производи“, изјави портпаролката на ЕК, Ана-Каиса Итконен, пред новинарите во Брисел, пренесува Ројтерс.

Според неа, земјите-членки на ЕУ имаат нафта или еквиваленти на залиха до 90 дена и нема индикации за каква било вонредна ситуација.

Таа потврди дека земјите од Г7 ќе разговараат за можното ослободување на стратешките резерви на состанок подоцна денес.

Министрите за финансии на земјите-членки на Г7 објавија дека ќе одржат видео самит под претседателство на Франција со цел да ги проценат економските ризици од ескалацијата на конфликтот во регионот на Персискиот Залив и да ги координираат можните одговори.

Поканети беа министрите за економија и финансии, како и раководителите на централните банки на земјите од Г7 (Соединетите Американски Држави, Јапонија, Канада, Обединетото Кралство, Франција, Германија и Италија).

Се очекува агендата да се фокусира на потенцијалните економски и енергетски последици од војната што започна минатиот викенд со израелските и американските воздушни напади врз Иран.

Самитот на Г-7 ќе го води од Брисел францускиот министер за економија и финансии Роланд Лескир, кој исто така учествува на состанокот на Еврогрупата, пренесува Танјуг.

Текстот ЕУ: Земјите-членки имаат доволно резерви на нафта и гас е превземен од МАКФАКС.