Авион на „Флај Дубаи“ од Обединетите Арапски Емирати со 200 државјани на Србија слета утрово во Белград. Тоа е првиот лет кон Србија по прекинот на летовите поради тензиите на Блискиот Исток.
Како што пренесе РТС, една патничка која утрово слетала во Белград патувала од Кенија преку Дубаи. Таа изјавила дека околу три часа ги „држеле горе на небото“, по што слетале.
Двојка од Бачка Паланка допатувала од Малдивите.
„Слетавме во Дубаи и патувањето требаше да продолжи понатаму. Авионот полета, кружеше некое време и повторно се врати на аеродромот во Дубаи од безбедносни причини. Во меѓувреме се случи тоа што се случи со Иран“, изјавиле патниците за РТС.
На прашањето дали почувствувале страв, тие одговориле дека не.
„Не, бевме сместени во еден хотел кој е на околу 20 километри од центарот на градот, така што слушнавме некои детонации, но не се плашевме, имавме прекрасна група“, велат тие.
„Прво се јавивме во нашата амбасада, која направи список на патници што се најдоа на аеродромот во Дубаи, дури и амбасадорот нè посети во хотелот и му благодариме за тоа. Имавме идеални услови во хотелот и чекавме да нè известат за враќањето, а буквално ни беше кажано за 15 минути да се спакуваме“, навеле патниците.
Текстот Српските патници кои беа евакуирани од Дубаи: „Ни рекоа за 15 минути да се спакуваме“ е превземен од МАКФАКС.























