Надежда Нејнски ја презеде функцијата министер за надворешни работи на Бугарија за време на официјална церемонија во Министерството за надворешни работи, јавува Трибуна.
Во своето прво обраќање пред медиумите по стапувањето на должноста таа истакна дека ќе биде гарантиран континуитет и стабилност во надворешната политика на Бугарија преку доследно исполнување на преземените меѓународни обврски и заштита на националните интереси.
„Бугарија треба да има доследна и активна надворешна политика која ќе ја прави предвидлив партнер и ќе гарантира дека нејзиниот глас јасно се слуша во сите меѓународни дебати“, изјави министерката Нејнски.
Меѓу главните приоритети на својот тим министерката Нејнски ги издвои подготовката и организацијата на гласањето во странство, особено во земјите надвор од Европската унија, како и вложувањето дополнителни напори во завршната фаза од патот на земјата кон пристапување во Организацијата за економска соработка и развој.
Како клучни таа ги посочи и одржувањето активен дијалог со партнерите од ЕУ и НАТО, како и активното учество на Бугарија во процесите поврзани со регионалната стабилност и безбедност.
„Доследната и јасна позиција на Бугарија во однос на војната на Русија против Украина за нас не е само прашање на солидарност и хуманизам, туку прашање на бугарски национален интерес“, истакна министерката Нејнски и додаде дека Бугарија како земја-членка на Европската унија ќе биде исклучително активна во барањето решение за праведен мир кој ги зема предвид интересите на Украина, нејзината независност и територијалниот интегритет.
Првиот дипломат на земјата изјави и дека доследната политика на Балканот ќе остане важен акцент во работата на министерството.
„Демократизацијата на Западен Балкан, вклучително и во контекст на човековите права, останува сериозен приоритет за Бугарија“, посочи таа и нагласи дека земјата ќе продолжи да ја поддржува европската перспектива на државите од регионот со почитување на принципот на сопствени заслуги и исполнување на критериумите за членство.
Во рамките на своето обраќање пред медиумите министерката Нејнски го претстави и тимот на кој ќе се потпира за време на својот мандат.























