Доц. д-р Здравка Медарова, научен директор на биофармацевтската компанија TransCode Therapeutics со седиште во Бостон, разви иновативен РНК лек кој ги таргетира туморите и метастазите во различни органи, јавува бугарската телевизија БТВ, пренесува Трибуна.
Првичните резултати од клиничките испитувања кај луѓе покажуваат стабилизација на болеста кај значителен дел од пациентите.
„Не гледаме намалување на туморите, но тие престануваат да растат. Кај 44% од пациентите го запревме ширењето на ракот за седум месеци или повеќе“, изјави Медарова. Еден од пациентите веќе 13 месеци е на терапија со стабилна состојба на болеста.
Лекот користи наночестички кои ја доставуваат двојноверижната РНК директно до канцерогените клетки, каде што ги „исклучуваат“ гените одговорни за развојот на ракот. Во предклиничките тестови кај животни, терапијата целосно ги елиминирала туморите и метастазите.
Во првата фаза од испитувањето биле тестирани четири дози без појава на токсичност, што овозможува премин во втората фаза, која започнува во наредните месеци и ќе трае до 2028 година.
„РНК технологијата ни овозможува да таргетираме гени против кои досега немавме лекови. Се надеваме дека еден ден ќе можеме рационално да го контролираме развојот на клетките и да го лекуваме ракот“, вели Медарова.
Доколку резултатите продолжат да бидат позитивни, лекот би можел да добие одобрение по 2031–2032 година.
„Не сакам лажно да давам надеж, бидејќи многу терапии првично изгледаат успешни, а подоцна пропаѓаат. Но засега сè оди добро и се надевам дека ќе им помогнеме на луѓето“, додава таа.
Мотивацијата на Медарова е лична — нејзиниот татко починал од рак. „Последните негови зборови беа: бори се тоа да не им се случува на други. Тоа ми е целта секој ден.“






















