Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска одржа говор на Светски економски форум во Давос, во кој остро ги критикуваше европските лидери поради, како што рече, неодлучност, одолговлекување и потпирање на САД во клучни безбедносни прашања, вклучувајќи ја Украина и Гренланд, пренесе Би-Би-Си.
Зеленски го започна говорот со споредба со филмот „Бескраен ден“, во кој главниот лик постојано го проживува истиот ден. „Никој не сака да живее така, да го повторува истото со денови, недели, месеци, години“, рече Зеленски, додавајќи: „А така ние денес живееме.“
Според него, глобалното внимание во последните денови се пренасочило кон Гренланд, но без јасен одговор што Европа всушност планира да направи.
„Јасно е дека повеќето лидери сè уште не знаат што да направат“, рече Зеленски, додавајќи дека изгледа како сите „да чекаат Америка да се олади околу оваа тема, тоа едноставно да помине“.
Зеленски потоа направи паралела со Иран, велејќи дека тамошните протести биле „удавени во крв“, по што повторно се врати на војната во Украина. Го спомена и случајот со Венецуела, истакнувајќи дека претседателот Николас Мадуро е во Њујорк и чека судење, додека „Путин не е“, пренесува „Индекс“.
Тој ѝ се заблагодари на Европа за замрзнувањето на рускиот имот, но рече дека неговата употреба за одбраната на Украина била „блокирана“ во моментот кога тоа било потребно. Исто така, изјави дека не е постигнат „никаков вистински напредок“ во воспоставувањето меѓународен трибунал за руската агресија врз Украина, и покрај „бројните состаноци“, прашувајќи дали проблемот е во времето или во политичката волја.
Гренланд и „урнебесните 40 војници“
Говорејќи за безбедноста на Европа, Зеленски рече дека Европа мора да биде способна самата да се брани. Посочи дека некои земји ги зголемиле инвестициите во одбраната, но дека многу од нив не ги исполнувале ни сопствените обврски сè додека американскиот претседател Доналд Трамп не ги принудил на тоа.
„Каква порака му се испраќа на Путин? Каква порака ѝ се испраќа на Кина?“, праша Зеленски. Осврнувајќи се на испраќањето 40 војници за заштита на Гренланд, рече дека тоа „нема да направи никаква разлика“, нарекувајќи го таквиот потег „урнебесен“.
Додаде дека Украина има капацитет да го брани Гренланд. „Знаеме како да се бориме таму“, рече. „Ќе го решевме проблемот ако бевме во НАТО, но не сме.“
Зеленски повторно предупреди дека Европа се однесува како некој друг да ќе го реши проблемот со Гренланд, додека во меѓувреме „руската воена машинерија продолжува да се движи“.
Критики за Европа и САД, порака до Трамп
Украинскиот претседател ги критикуваше и Европа и САД затоа што не ја спречиле продажбата на компоненти за ракети на Русија. „Европа не кажува ништо, Америка речиси ништо, а Путин произведува ракети“, рече тој.
Додаде дека му било советувано во разговорите со САД да не споменува одредени системи на вооружување, како Томаховк, за да не се „расипе расположението“, додека во Европа, како што рече, се води „бескрајна внатрешна расправа“ што го спречува отворениот и искрен разговор за решенијата. „Наместо да стане вистинска глобална сила, Европа останува убав, но фрагментиран калеидоскоп од мали и средни сили“, рече Зеленски.
Тој порача дека американскиот претседател „нема да се промени“ и оцени дека некои европски лидери се „од Европа, но не и за Европа“. „Тоа не е начинот на кој функционираат големите сили“, рече, предупредувајќи дека американската позиција се менува, но дека никој не знае точно како и колку брзо.
„Без пари нема војна“
Говорејќи за можен прекин на огнот, Зеленски рече дека сè уште не е постигнат договор со САД за безбедносни гаранции, кои ги смета за клучни. Прашa зошто САД можат да запираат танкери од руската „флота во сенка“ и да запленуваат нафта, додека Европа тоа не го прави, иако руската нафта што минува покрај европските брегови се користи за финансирање на војната против Украина.
„Ако Путин нема пари, нема ни војна за Европа“, рече Зеленски. Додаде дека НАТО постои благодарение на верувањето дека САД ќе се вклучат ако биде потребно, но праша: „А што ако не се вклучат?“
Документите за крај на војната „речиси подготвени“
Осврнувајќи се на денешната средба со американскиот претседател Доналд Трамп, Зеленски рече дека документите насочени кон завршување на војната се „речиси подготвени“. Додаде дека Украина работи „чесно и решително“ и дека Русија мора да стане подготвена „да ја заврши оваа агресија“.
Тој изјави и дека претходните средби со САД резултирале со испорака на противвоздушни ракети за Украина, како и разговори за „заштита на небото“. Изрази надеж дека САД ќе продолжат да стојат зад Украина и повика на силна Европа, истакнувајќи дека континентот има потреба од независна Украина која еден ден би можела да ги брани и другите.
„Подготвени сме да бидеме дел од Европа што навистина значи нешто“, рече Зеленски. На крајот од говорот порача дека на Украина ѝ се потребни „дела“, бидејќи од нив произлегува „светскиот поредок“. „Без дејствување денес, нема утре“, рече и го заврши говорот со зборовите: „Слава Украина.“
Текстот Зеленски до Европа: Испративте 40 војници на Гренланд? Тоа е урнебесно е превземен од МАКФАКС.























