Американскиот претседател, Доналд Трамп, во говорот на Светскиот економски форум во Давос зборуваше и за Гренланд. Тој кажа дека САД само сака Данска да им го даде Гренланд и рече дека таму ќе ја изградат најголемата златна купола.

„Гренланд е на наша територија“, рече тој, кажувајќи им на светските лидери дека на САД им е потребен островот од причини за национална безбедност.

„Ниту една земја освен САД не е во позиција да го обезбеди Гренланд“, рече тој, додавајќи: „Ние сме многу посилни отколку што луѓето сфаќаат… Тоа го открија во Венецуела пред неколку недели“.

Трамп рече дека островот е „незаштитен“ на стратешки витална локација помеѓу САД, Русија и Кина.

„Потребен ни е за стратешка национална безбедност и стратешка меѓународна безбедност… тоа е наша територија“, рече тој.

Додаде дека има „огромно почитување“ кон народот на Гренланд и Данска, но нагласи дека САД само сакаат да започнат преговори за веднаш преземање на арктичкиот остров.

Тој, исто така, рече дека САД го бранеле светот.

„Без нас, ќе зборувавте германски и јапонски“, рече тој.

Трамп рече и дека НАТО „се однесува лошо кон САД“. Тој додаде дека „Европа и НАТО не го ценат“ она што го прават САД.

„Не баравме ништо, па затоа не добивме ништо. Можевме да го добиеме ако ја искористев нашата голема моќ. Но, нема да го направам тоа. Тоа е најсилната изјава досега. Не сакаме ништо, само го сакаме Гренланд“, рече Трамп.

„Само сакаме Данска да ни го даде Гренланд. Ќе ја изградиме најголемата златна купола таму. Таа најмногу ќе ја заштити Канада, по природа на нештата, тие добиваат многу од нас бесплатно. Треба да ни бидат благодарни, но не се, го гледав вчера говорот на нивниот премиер Марк, тој не е благодарен. Канада живее од САД, запомнете го тоа Марк следниот пат кога ќе зборувате“, рече тој.

„Само сакам парче мраз што ќе игра важна улога во одбраната на светот. Тоа е мало барање во споредба со она што им го дадовме во текот на децениите“, рече тој.

„Сакаме парче мраз за да го заштитиме светот“, додаде тој.

 

фото/епа

Текстот Трамп: Сакаме парче мраз за да го заштитиме светот, ќе ја изградиме најголемата златна купола на Гренланд е превземен од МАКФАКС.