Реформата не заврши со издвојување од МВР, тоа е процес кој постојано трае во надградување на капацитетите на Агенцијата за национална безбедност, вели директорот Виктор Димовски, во интервју за Дојче Веле на македонски јазик.
Повеќе од една година функционира надвор од рамките на МВР. Формирана по урнек на модерните безбедносни сервиси, Агенцијата за национална безбедност (АНБ) стана симбол за почеток на реформите во безбедносната сфера, односно за крај на злоупотребите поврзани со нејзината претходничка – УБК. За тоа кој ја контролира АНБ, за безбедносните проверки и за капацитетите во справувањето со ризиците за националната безбедност, разговаравме со директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски.
ДВ: Какви се стандардите за безбедносна проверка кои ги спроведува АНБ?
-Надлежноста, правилата и процедурите за безбедносни проверки се дефинирани во Законот за Агенцијата за национална безбедност, Законот за класифицирани информации и подзаконските акти од областа на заштита на класифицирани информации. Целта на безбедносните проверки е давање на оценка за евентуално постоење безбедносен ризик при пристап и ракување со класифицирани информации. При оценката за постоење на безбедносен ризик за лицата за кои се бара издавање на безбедносен сертификат, се проверува дали истите сториле или се обиделе да сторат самостојно или заедно со други лица некое од кривичните дела содржани во Глава 28 од Кривичниот законик; дали соработувале или сѐ уште соработуваат со разузнавачи, меѓународни терористи, саботери или лица за кои постои сомневање дека се во врска со странски разузнавачки служби или организации кои би можеле да ја загрозат безбедноста на државата; дали биле членови или приврзаници на организации кои насилно, со субверзивни средства или на друг противзаконски начин дејствуваат против безбедноста на државата; дали намерно задржувале, погрешно интерпретирале или фалсификувале информации од важност за безбедноста и одбраната на државата; дали имале сериозни финансиски тешкотии или брзо се збогатиле; дали постои зависност од алкохол, дрога и/или други психотропни супстанции; дали биле или се инволвирани во активности кои можат да доведат до ризик за попуштање пред уцена или насилство; дали преку постапка демонстрирале нечесност, нелојалност, недоверба и индискретност; дали се обиделе или презеле неовластени активности во однос на комуникациските и информатичките системи; дали постојат болести или ментални/емоционални состојби што можат да предизвикаат неправилности во проценувањето и да претставуваат потенцијален ризик за безбедноста, и дали се способни да го издржат притисокот на роднините или блиските соработници за оддавање на класифицирани информации кои би можеле да ја загрозат националната безбедност. По зачленувањето на нашата земја во Северноатланската Алијанса се наметна потребата од сеопфатен ветинг со специфични побарувања за одредени позиции согласно високите НАТО стандарди. Во овој контекст, Агенцијата заедно со останатите надлежни авторитети во земјата ги применуваат посочените критериуми и на сите останати категории на проверки.
ДВ: Кои категории на лица најчесто се опфатени со проверки?
-Согласно Законот за АНБ, Агенцијата врши безбедносни проверки за лица во постапка за прием во, односно отпуст од државјанство, за лица кои бараат меѓународна или привремена заштита согласно со закон, за лица кои поднесуваат барање за одобрување на постојан или привремен престој, за лица баратели на виза за кои е потребна претходна согласност од Агенцијата, за лица кои поднесуваат барање за вршење промет со оружје и експлозивни материи, за лица за кои со закон е пропишано вршење безбедносна проверка како услов за засновање на работен однос, а заради утврдување на постоење безбедносен ризик од вработување на тоа лице, за лица заради утврдување на безбедносни пречки при издавање на безбедносен сертификат за користење на класифицирани информации, како и за лица заради утврдување безбедносни пречки за работа во објекти од стратешко значење за државата. По зачленувањето на нашата земја во НАТО, Агенцијата врши безбедносни проверки и за лицата за кои при извршување на работните обврски е потребно да поседуваат НАТО-безбедносен сертификат.
ДВ: Дали низ овој филтер поминаа и нашите несудени претставници на НАТО, случаи за кои опозицијата бараше одговори и одговорност?
-Северна Македонија ги остварува сите права и ги реализира сите обврски како полноправна членка на НАТО на идентичен начин со сите останати 29 земји сојузници. Со зачленувањето во Алијансата се наметна потребата за безбедносни проверки за лицата кои за извршување на нивните работни обврски или функција имаат потреба од НАТО безбедносен сертификат. Нивниот број се утврдува етапно, согласно насоките на НАТО и проценката на националните авторитети. Ваквите проверки претставуваат редовен процес кој се спроведува според строго утврдена и позната процедура за секоја нова НАТО членка и за секој нов носител на јавна функција од земјите членки. Административните постапки за стекнување безбедносни сертификати се идентични за сите држави членки и согласно законската рамка се извршуваат во период не подолг од шест месеци. Вонредните околности поврзани со пандемијата со Ковид -19 во одредени случаи дополнително го пролонгираа тој процес. АНБ во согласност со безбедносните политики на НАТО, нема да коментира за бројката на лицата кои добиваат или не добиваат вакви безбедносни сертификати, како и за индивидуални случаи.
ДВ: Во однос на останатите видови проверки – колку ги има на годишно ниво, колку од нив завршуваат со позитивно, а колку со негативно мислење?
-По формирањето на Агенцијата во септември 2019 година, бројот на безбедносните проверки е повеќекратно зголемен по сите основи. На ова треба да се додадат и заостанатите неодговорени барања од периодот пред формирањето на АНБ, како и дополнителните обврски по зачленувањето на земјата во НАТО. За илустрација ќе споменам дека за разлика од периодот пред формирањето на АНБ кога на годишно ниво се вршеле 3.000 до 4.000 проверки, Агенцијата само во текот на изминатата година има одговорено на повеќе од 20.000 барања. И сето ова во услови на дополнителен ангажман поврзан со изборниот процес за предвремените парламентарни избори, како и пропратните рестрикции диктирани од развојот на пандемијата со Ковид 19. Кога станува збор за тоа колку од проверките се со позитивен или негативен исход, овој процент во зависност од видот на односната категорија на проверки се движи помеѓу 4.8% и 16.5% негативни мислења од вкупниот број на пристигнати барања.
ДВ: Со основањето на АНБ, беше речено дека во историјата заминува УБК, која во изминатиот период била злоупотребена за поединечни и групни интереси. Спороведен ли е досега независен увид врз работата на Агенцијата, кој ќе потврди дека е направен дисконтинуитет со предходните состојби и практики?
-Согласно законските прописи, парламентарните комисии за надзор врз работата на безбедносните и разузнавачките служби, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, Советот за граѓански надзор и Народниот правобранител имаат мандат да вршат контрола и надзор врз работата на Агенцијата. АНБ исто така поднесува годишна програма за работата, како и годишен извештај за својата работа до надлежната собраниска комисија. Воедно, како нова членка на НАТО имаме редовни консултации и комуникација со НАТО на експертско ниво. По формирањето на Агенцијата имав десетина средби со претставници на двете Собраниски комисии задолжени за надзор над работата и за надзор над спроведувањето на мерките за следење на комуникациите, што е повеќе од вкупниот број на средби на сите мои предходници заедно. АНБ е целосно отворена за независен увид во работата секогаш кога ќе се оцени за потребно и кога тоа ќе се побара од страна на домашните институции и тела одговорни за надзор на работата на Агенцијата. Во оваа прилика би сакал да напоменам дека должно внимание посветуваме и во поглед на транспарентноста. Од формирањето на АНБ, реализирани се бројни брифинзи и отворена комуникација со медиумите, на ниво на кое ретко која друга структура што делува во областа на безбедноста го има сторено. Тоа е еден од механизмите со кои ја отвораме и приближуваме работата на Агенцијата поблиску и до медиумите и до граѓаните, како начин за зголемена транспарентност на работата на институцијата. До овој момент, нема неодговорено новинарско прашање поврзано со работењето на Агенцијата.
ДВ: Поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, а неодамна и поранешниот претседател на ЗНМ, Насер Селмани, за бугарски БГНЕС изјавија дека „длабоката држава“ во Македонија ги нарушува односите со Софија, алудирајќи и на инволвираност на тајната полиција во општествените процеси. Како ги оценуватеваквитетврдења?
-Со формирањето и почетокот на работата на АНБ, прашањето за постоењето на т.н. „тајни полиции” е дефинитивно затворено. Агенцијата своите работи ги врши во согласност со Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во Собранието. Притоа, целосно се држи до законски утврдената надлежност, постапувајќи независно и без влијание на политичките партии. Вработените со високо ниво на мотивираност, посветеност и професионалност ги извршуваат задачите за заштита на националната безбедност, демонстрирајќи притоа исклучителна одговорност кон својата држава и кон граѓаните.
ДВ: Реформата не заврши со издвојување на АНБ надвор од рамките на МВР, туку треба да продолжи со постојано унапредување на ресурсите на безбедносниот систем за справување со ризиците за националната безбедност. Каков е капацитетот за справување со современите безбедносни предизвици?
–Реформата не е процес кој заврши со издвојување од МВР, напротив, тоа е процес кој постојано трае и е во насока на јакнење и надградување на капацитетите на Агенцијата, со цел превенирање на современите безбедносни предизвици. Во тој контекст оваа година конечно ќе отпочне процесот за просторна дислокација на Агенцијата во нов објект. Во рамките на буџетската поставеност, а земајќи ја превид и пандемијата од Ковид- 19, се врши техничко доопремување, привршува и процесот за прием на нови кадри од редот на најдобрите студенти од државните универзитети со кои Агенцијата во изминатата година воспостави соработка преку потпишување на меморандуми за соработка. Воедно се вршат соодветни обуки за делување на постоечкиот и новиот кадар согласно со високите НАТО стандарди. Сето ова придонесе да се унапредат капацитетите на работењето на Агенцијата, како би можела успешно да се справува со современите безбедносни ризици. Потврда дека сме на добар пат се и двете акции реализирани во август и декември минатата година, кога беше откриена и процесуирана повеќечлена терористичка група која подготвувала изведување на терористички акти врз витални објекти во земјата. Не помалку значајна во актуелниот контекст со корона-кризата беше и акцијата со правовременото откривање на четирите криминални групи кои изработувале лажни негативни ПЦР тестови што претставува сериозна закана по јавното здравје, а со тоа и на безбедноста на нашите граѓани. Да заклучам, досега доста е направено, но со истото темпо продолжуваме и во периодот пред нас. За тоа имаме јасна визија и целосна поддршка од Владата на РСМ.