Гренландската министерка за надворешни работи Вивијан Моцфелд беше совладана од емоции за време на интервју за КНР по историскиот состанок со американскиот државен секретар и потпретседател во Вашингтон.

„Последните неколку дена беа тешки. Се подготвувавме, а притисокот стануваше сè поголем“, изјави Моцфелд, пишува КНР.

Тоа беше историски ден за Гренланд. За првпат гренландската министерка за надворешни работи и данскиот министер за надворешни работи седеа на иста маса со американскиот државен секретар и потпретседателот, со цел да појаснат дека Гренланд не е на продажба. По состанокот, кој цел ден беше во фокусот на светските медиуми, Вивијан Моцфелд и Ларс Локе Расмусен одржаа прес-конференција, по што министерката гостуваше во живо на КНР.

На прашањето дали успеала да остане смирена за време на состанокот со Американците, гласот ѝ затрепери.

„Силни сме во министерството и со сите сили работиме на тоа ние, на Гренланд, да можеме да живееме безбедно“, рече таа, ставајќи ја раката на градите.

За порталот Sermitsiaq.AG изјави: „На состанокот, на кој учествував како Гренланѓанка, ги нагласив чувствата што ги доживуваме овде во земјата и сè поголемиот притисок што го искусивме во текот на годината, кој создаде страв и несигурност меѓу населението. Тоа нашите сојузници мора да го разберат.“

Силниот американски притисок врз Гренланд започна пред една година, откако американскиот претседател Доналд Трамп повеќепати изјави дека САД треба да преземат контрола над островот. По неколку месеци релативно затишје, ситуацијата повторно ескалираше на почетокот на јануари.

Состанокот на министерско ниво беше договорен минатата недела, а во вторникот беше објавено дека на средбата меѓу Вивијан Моцфелд, Ларс Локе Расмусен и американскиот државен секретар Марко Рубио ќе присуствува и потпретседателот Џ.Д. Венс.

Истиот ден, премиерот на гренландската влада Јенс-Фредерик Нилсен и данската премиерка Мете Фредериксен повторија јасен став – Гренланд не е на продажба и нема да стане дел од Соединетите Американски Држави.

„Пред сè, бевме многу темелно подготвени за состанокот“, изјави Вивијан Моцфелд за КНР.

„Подготовките беа координирани меѓу Гренланд и Данска. Не знаевме каква ќе биде атмосферата и затоа се обидовме да бидеме подготвени за сите сценарија.“

Таа додаде дека состанокот сепак поминал во атмосфера на заемна почит.

„За среќа, влеговме во простор обележан со почитување. Јасно објаснивме каква е нашата состојба на Гренланд. Отворено ја изразивме желбата за соработка. Се надеваме дека ќе постигнеме заедничко разбирање со кое сите ќе можеме да живееме.“

Сепак, дали до тоа ќе дојде, останува неизвесно. Американскиот претседател Трамп упорно ја задржува намерата да го преземе Гренланд, а Ларс Локе Расмусен на прес-конференцијата потврди дека данско-гренландската делегација не успеала да го промени американскиот став.

„Тоа, сепак, не го ни очекував. Јасно е дека претседателот има желба да го освои Гренланд“, изјави тој.

Договорено е формирање работна група со високи функционери која ќе продолжи да ги разгледува преостанатите прашања. Сепак, Локе призна дека исходот од работата на таа група е неизвесен.

„Се согласивме дека има смисла да седнеме заедно на високо ниво за да истражиме дали постои начин да се одговори на грижите на претседателот“, заклучи тој.

Текстот „Последните денови беа тешки“: гренландската министерка емотивна по средбата со САД е превземен од МАКФАКС.