Атанас Величков

Пред два дена заврши вториот круг од поредните „историски“ избори во Република Северна Македонија – овојпат локални по својот карактер. Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ освои 55 градоначалнички места, но во исто време нејзиниот кандидат за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, победи во втор круг со рекордно мал број гласачи кои му ја дале својата доверба. За овие избори ќе остане запишано дека беа одбележани со мала излезност и со огромен број неважечки ливчиња на територијата на целата држава.

Тоа е факт кој сериозно треба да ги загрижи сите партии и целата политичка елита во земјата. Граѓаните на оваа држава или си заминуваат и физички не можат да гласаат, или едноставно не сакаат да дадат легитимитет на ниту една од политичките групации. Што ќе преземат партиите во однос на тоа — е прашање на нивниот опстанок. Јазот меѓу апстинентите и политичарите е повеќе од алармантен. Малкумина се политичките чинители кои навистина се заинтересирани да ги активираат луѓето што оваа недела, и онаа пред две седмици, решија да испратат порака дека ниту една од понудените опции не им се допаѓа.

А опции имаше, и тоа најразлични — од т.н. системски партии до колоритни ликови како Гоце Вегетета од Охрид. Граѓаните можеа да избираат меѓу титовисти пребојадисани во проевропски политичари, сталинисти, неостварени четници, карикатурални фигури со некаква АСНОМ-ска идеологија, поранешни марксисти-ленинисти, „независни“ и, се разбира, кандидати кои ги измешале сите можни идеолошки лончиња — вистинска слика и прилика на бутафорниот плурализам што владее веќе 35 години.

Опозицијата веќе ги одбројува првите часови од ветените 72 од премиерот Мицкоски, поврзани со „генералката“ на главниот град што треба да ја спроведе новиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски. Тој, пак, изјави дека чистењето на метрополата ќе започне во среда или четврток, откако официјално ќе го добие мандатот и ќе стапи во функција. Сума сумарум — убави денови ги чекаат скопјани, а и сите останати граѓани на Републиката! Да му ја мислат глодарите — не оние метафоричките од говорите на премиерот, туку вистинските, што одамна го имаат „мапирано“ главниот град.

Вчера беше објавен и редовниот годишен извештај на Европската комисија за напредокот на земјите кандидати за членство во ЕУ. Покрај забелешките за владеењето на правото — особено во сферата на независноста на судството и борбата против корупцијата — останува нерешена и обврската за внесување на Бугарите во Уставот. Тука се и обврските за почитување и спроведување на договорите со Грција и Бугарија.

Колку би било полесно „патриотите“ да ги пречекаат овие забелешки со свирежи — како бугарската химна на фудбалски натпревар или како бугарското знаме на рамењата на една српска турбофолк ѕвезда. Но, за жал, реалниот живот не е толку едноставен.

Пред играчите во власта останува сè помал простор за политички еквилибристики. Во моментов тие се без реална конкуренција: ривалите од СДСМ се срозени, Мециновиќ треба да го „загрева столчето“, за да си го дозаврши факултетот, ДУИ веќе не е фактор, а нема ни најава за какви било катаклизмични поместувања кај пајтон-партиите.

Бугарите и нивниот статус во земјата остануваат единствената тема погодна за муабет и за билдање лажен патриотизам во моментите кога на „воркохолиците“ од власта нема да им се работи — или кога ќе им се присака да покријат некаков потаен договор со опозицијата преку нови „црвени линии“ кон ЕУ и „источниот сосед“. Бескомпромисна ќе биде борбата за одбрана на македонските национални интереси — во тоа никој не смее да се сомнева. Но рокот на траење на таа „патриотска шарада“ нема да биде долг. Инаетот на Груевски и политичките комбинаторики на Заев потрошија многу од кредитот на доверба на меѓународната заедница кон македонските политичари. Многумина мислат дека тоа и не е голем проблем — додека „народот ги гласа“. Но, во еден момент и „народот“ ќе се најде пред угорница, преку која нема да може да помине само со молба до „неговиот човек во партијата на власт или во градоначалничката канцеларија“.

Кога таа „блескава иднина“ ќе стане реалност, партиските ботови, фриленсерите на платен список и шоумените одеднаш ќе се проретчат. Можно е да се зголеми бројот на „лажни попови“ што пеат на Задушница со мантии нарачани од Тему; некои можеби ќе се молат српската турбофолк ѕвезда повторно да се загрне со бугарско знаме — но овојпат не на концерт во Велес, туку на некоја локална празијада, кромидијада или белобубрезијада, чисто онака за да се најде тема за разговор и мал милион трагикомични содржини во медиумите и во социјалните мрежи.

Во еден момент и тоа нема да биде доволно. Тогаш ќе треба да се потсетиме на лажниот поп и да се запрашаме — дали некој случајно не ни подметнал и лажен компас, како основна алатка за пронаоѓање на патот кон нормалноста во сите сфери на нашето битисување.