Компанијата „Титан Усје“ соопшти дека емисиите од нејзиното работење постојано се под граничните вредности утврдени со закон.

Според соопштението, од 2007 година емисиите се следат 24 часа дневно, во текот на целата година, преку независен автоматски систем за мониторинг, кој ги мери вкупната прашина, SO₂ и NOx, а резултатите се контролирани од надлежните институции.

Компанијата наведува дека технолошкиот процес не дозволува работа на погонот доколку филтрите не функционираат, односно производството автоматски запира во таков случај.

Во однос на загадувањето на воздухот, од „Титан Усје“ тврдат дека немаат влијание врз зголемувањето на PM10 честичките. Посочуваат дека паралелните мерења во кругот на фабриката не покажале поврзаност со вредностите измерени на други мерни станици во градот.

Работењето на компанијата, како што се наведува, е под постојан надзор на Државниот инспекторат за животна средина.

Дополнително, од компанијата објаснуваат дека печките работат континуирано – 24 часа, или воопшто не работат, додека производството на цемент е поинтензивно во летните месеци поради зголемената побарувачка.

Од „Титан Усје“ ги повикаа граѓаните, невладините организации и медиумите да ја посетат компанијата во кое било време и директно да се информираат за нејзиното работење.

Текстот „Титан Усје“: Емисиите се под дозволените граници, без филтри нема производство е превземен од МАКФАКС.