Полицијата поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Сарај, Блерим Беџети, и овластено службено лице од Град Скопје за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Денеска полицијата поднесе кривична пријава против З.Д. (61) од Скопје и Б.Б. (49) од Скопје, поради основано сомневање за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
З.Д. во својство на овластено службено лице, злоупотребувајќи ја службената положба и овластување, овозможил на правен субјект од с. Крушопек – Сарај, поточно подружница во рамки на предметниот субјект, лоцирана во село Глумово во периодот од 01.02.2022 до 03.06.2022 да се стекне со противправна имотна корист во износ од 3.224.064 денари (без ДДВ).
Тој, по дадено овластување од страна на градоначалник на Град Скопје да потпишува акти во 2021 година, му овозможил на правниот субјект да се стекне со право, односно решение за утврдување на режим на сообраќај, а врз основа на тоа и овластување за вршење на технички преглед на правниот субјект, иако бил свесен дека надлежноста за издавање на ваков тип на решение е во надлежност на општина Сарај, а не на Град Скопје, со што постапил спротивно на чл.20 од Законот за локална самоуправа.
Потоа Б.Б., во својство на овластено службено лице градоначалник на Општина Сарај, злоупотребувајќи ја службената положба и овластување овозможил на истиот правен субјект да се стекне со противправна имотна корист во износ од 42.851.205 денари.
Тој во период од октомври 2022 година до март 2023 година во два наврати донел решение за утврдување на режимот на сообраќај и решение за измена и дополнување на решението за изменување и дополнување на решението за утврдување на режимот на сообраќај врз основа на поднесени барања од барателот (предметниот правен субјект), без претходно да изврши должен надзор во доставените прилози и да констатира дека истите не се во согласност со Урбанистичкиот план за село Глумово.
Текстот Кривична пријава против ексградоначалникот на Сарај, дозволил фирма да се стекне со над 700.000 евра е превземен од МАКФАКС.























