Министерот за здравство, Азир Алиу, во своето поздравно обраќање на 18. Европски конгрес на абдоминални хирурзи истакна дека денешната агенда отвора суштински теми за иднината на здравството, меѓу кои медицината заснована на докази и трансплантацијата.
-Науката не е само стратегија и систем, туку и човечка приказна. Таа се одвива во операционите сали, во рацете на лекарите и во одлуките што спасуваат живот. Токму трансплантацијата е најсилниот пример – врв на медицинската наука, но и чин на најдлабока хуманост. Успешните трансплантации на црн дроб и бубрег реализирани деновиве, како и 16 трансплантации на рожница во соработка со експерти од САД, се доказ дека со заедничка работа, знаење и меѓународна поддршка се постигнуваат значајни резултати. Тоа е потврда дека и мала држава може да развива силни човечки и научни ресурси кога постои јасна визија и институционална истрајност, истакна министерот Алиу.
Тој посочи дека меѓународниот конгрес на абдоминални хирурзи претставува значајна платформа за размена на знаење и искуства, потенцирајќи дека преку меѓународна соработка може да се постигнат уште поголеми резултати во интерес на пациентите.
Конгресот е во организација на Македонската асоцијација на абдоминални хирурзи (МААС), во соработка со Европската асоцијација на дигестивни хирурзи (EDS) и како што беше посочено, претставува еден од најзначајните стручни собири во областа на дигестивната хирургија во регионот.
Текстот „Науката е човечка приказна“: Алиу за трансплантациите како врв на медицината и хуманоста е превземен од МАКФАКС.























