Седум милиони луѓе, според организаторите, се собраа вчера во Соединетите Американски Држави на повеќе од 2.700 мирни собири против политиките на американскиот претседател Доналд Трамп, објави Ен-би-си Њуз.
Од Њујорк до Сан Франциско, преку Чикаго, Њу Орлеанс и мали градови во централниот дел на Соединетите Американски Држави, околу седум милиони луѓе учествуваа на повеќе од 2.700 собири, соопштија организаторите.
Коалицијата обединета под слоганот „Без кралеви“ веќе организираше добро посетени протести на роденденот на Доналд Трамп кон средината на јуни, кои привлекоа околу пет милиони демонстранти, според организаторите.
Овие бројки е невозможно да се потврдат бидејќи американските власти не објавуваат проценки на национално ниво.
Сепак, собирите во саботата беа најголемото протестно движење во земјата откако републиканците се вратија на власт.
На големи демонстрации или десетици помали по патиштата, Американците од сите возрасти се собраа во фестивалска атмосфера за да го осудат она што го нарекоа „авторитарно преземање“ на Доналд Трамп и неговите соработници.
„Тие ја уништуваат демократијата“, го осуди Исак Хардер, средношколец интервјуиран од АФП во главниот град Вашингтон. „Ова не е Америка, ова е фашизам.“
100.000 луѓе протестираа во Њујорк, а демонстрации се одржаа и во Тексас и Флорида, конзервативни упоришта, особено во Хјустон и во близина на резиденцијата Мар-а-Лаго каде што Доналд Трамп го поминува викендот.
„Како можеше ова да се случи?“, изјави за АФП Џенифер Брајант, адвокатка од Хјустон. „Работите се случуваат толку брзо; тие ги уништуваат нашите институции, отпуштаат јавни службеници и одземаат јавни средства.“
Трамп не ги коментираше протестите во саботата, а претходно оваа недела само накратко изјави за телевизијата Фокс дека „не е крал“.
На митинзите присуствуваа и неколку истакнати американски левичари, како што се Берни Сандерс и лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер.
фото: принтскрин
Текстот Организаторите на демонстрациите против Трамп: Протестираа 7 милиони луѓе на 2.700 собири е превземен од МАКФАКС.