Суверенитетот и територијалниот интегритет на Шпанија над Сеута, енклава на северот од Африка, се несомнени и не се предмет на преговори, изјави денес кралот на Шпанија, Фелипе VI, додавајќи дека масовниот прилив на мигранти од Мароко во тој град остави големи социјални, политички, економски и психолошки последици за самиот град и за Шпанија како целина.
„Сеута е Шпанија, а Сеута е исто така Европа. Нејзината граница, како и границата на Мелиља, е исто така граница на Европската Унија. Секоја закана за таа граница е закана за целата Европска Унија“, рече Фелипе VI за време на неговата посета на Сеута.
Кралот на Шпанија, пишува „Ел Паис“, нагласи дека кршењето на шпанската граница, кога голем број луѓе преминаа од Мароко, беше шок за сите, особено за жителите на Сеута, и дека неговите последици продолжуваат силно да влијаат на нивните животи.












