Премиерот Христијан Мицкоски, денес, уште еднаш им се извини на скопјани за тоа што пред четири години ја поддржал Данела Арсовска за градоначалничка на Скопје. Одговарајќи на новинарски прашања по посетата на новата спортска сала во училиштето „Димитар Поп Беровски“, тој рече дека чувствува одговорност што ја поддржал Арсовска и најави дека за сегашната состојба поради која градот е затрупан со ѓубре, ќе има одговорност и дека на тоа веќе работат.
„Работиме внимателно. Ние не правиме естрада од ништо, водиме политика, која е многу внимателна. Процесите што ги водите имаат одговорност и на крајот тој процес мора да има име и презиме. Бидете сигурни дека ќе има одговорност и ќе има име и презиме“, одговори премиерот Мицкоски на прашањето дали МВР влегло во ЈП „Комунална хигиена“, каде што очигледно нешто ги сопира камионите да излезат и да го соберат ѓубрето.
Премиерот го искористи новинарското прашање за несобраното ѓубре и им направи реклама на кандидатите за градоначалници на Скопје и на Ѓорче Петров од ВМРО-ДПМНЕ. Двапати повтори дека Орце Ѓорѓиевски ќе победи во првиот круг и веднаш по победата, во првите 72 часа, ќе направи генералка во Скопје, а тоа ќе го направи и Александар Стојковски за кого рече дека ќе биде избран за градоначалник во Ѓорче Петров. Генералка од сметот што ќе го остават градоначалниците што ќе си заминат премиерот најави во сите општини во кои ВМРО-ДПМНЕ има свои кандидати.