ДУИ реагира остро на одлуката за еднојазични полициски униформи и обвинува дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ спроведува дискриминаторски пристап кон Албанците, спротивен на Уставот, Законот за употреба на јазиците и Охридскиот договор.
„Демократската Унија за Интеграција изразува најдлабоко негодување од фактот што со последната одлука за еднојазични полициски униформи, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш го потврди својот дискриминаторски и исклучувачки однос кон Албанците. Ова не е само политичка одлука заснована врз дискриминација, туку пред сè флагрантно кршење на Уставот, Законот за употреба на јазиците и Охридскиот договор.
ВЛЕН ги лаже граѓаните и се обидува да купи време пред изборите велејќи дека албанскиот јазик ќе се користи на полициските униформи. Но ВЛЕН не се осмелува тоа да му го каже на својот шеф во Владата. Тие немаат храброст да го заштитат ни она што Албанците им припаѓа по закон и Устав.
Законот за службената употреба на албанскиот јазик е јасен: Двојазичноста е законска обврска, не само на значките, туку и на секој амблем и на секој обележител на полициските униформи. ДУИ остави закон, подзаконски акти и јасна правна инфраструктура. Сегашната влада нема ниту капацитет, ниту волја да продолжи со предвидените правни процеси, но барем е должна да го зачува постигнатото.
Сегашната влада не прашува за закон и правила. За нив е поважно да ја наметнат опасната логика „Македонија на Македонците“, без почитување на Устав, закони или прописи. Тие себеси се гледаат како државата, спроведувајќи идеолошка платформа која вештачки создава внатрешни и надворешни непријатели. Во таа функција инструментализирани се и институциите што треба да бидат независни, вклучително и Уставниот суд, кој е претворен во параполитичко тело.
Кога законот бара двојазичност, а владата наметнува еднојазичност, тоа е доказ за зафаќањето на државата од исклучителна идеологија. Слуговитото молчење на албанските владејачки партии ја прави оваа срамота уште поголема, затоа што во име на тесни политички интереси прифаќаат да се нарушува достоинството на Албанците.
ДУИ јасно кажува: Албанците нема да прифатат такво понижување. Бараме итно повлекување на дискриминаторската одлука и почитување на законот со употреба на албанскиот јазик согласно законските одредби.
Достоинството не може да се купи или продаде. Оваа срамна одлука ќе падне, затоа што Албанците ќе го заштитат законот и еднаквоста“, се вели во соопштението на ДУИ.