ВМРО-ДПМНЕ реагира на одлуката на судот да изрече условна казна од две години за докторка од Клиниката за онкологија и радиотерапија, оценувајќи ја како уште еден доказ дека правосудниот систем работи во корист на власта и елитата околу Зоран Заев и Венко Филипче.
„Судот со оваа пресуда јасно укажува дека човечкиот живот не вреди и дека единствено постапува ако добие насока од ‘центарот’, кој е лоциран во Бихаќка“, се наведува во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат и на случајот со модуларната болница во Тетово, кога животите ги загубија 16 лица, а одговорноста не беше лоцирана кај тогашниот министер за здравство Венко Филипче, туку само кај двајца директори и болницата како правно лице.
„Секојдневно судството покажува дека работи исклучиво по насоки и затоа довербата кај граѓаните е едвај околу два проценти – бројка која реално е на ниво на статистичка грешка. Оваа состојба одговара на Филипче и СДС затоа што судството им служи за заштита, наместо за правда“, додаваат од партијата.
Според ВМРО-ДПМНЕ, крај мора да се стави на, како што велат, „правосуден систем кој функционира под диригентската палка на Заев и неговата дружина“.