Поранешната претседателка на Грузија, Саломе Зурабишвили, изјави дека западните земји, со својата пасивност, ја оставаат Грузија на влијанието на Москва. Во интервју за американското списание „Форин полиси“ таа рече дека Тбилиси и целата земја се во сериозна политичка и безбедносна криза.

Зурабишвили ги отфрли резултатите од парламентарните избори нагласувајќи дека нема да поднесе оставка сè додека во Грузија не се избере легитимен парламент. Сепак, Изборниот колеџ го назначи Михаил Кавелашвили за нов претседател на земјата.

Во интервју за „Форин полиси“ таа оцени дека сегашната влада „се оддалечила од сè што било изградено дотогаш“ тврдејќи дека владејачката партија „се состои од десетина луѓе, но контролира сè“.

Зурабишвили ги повика граѓаните на отпор нагласувајќи дека мора да добие посилна поддршка од странство. „Ова значи морална поддршка бидејќи западните земји не се во можност да преземат повеќе од ова“, изјави таа.

Поранешниот претседател предупреди дека Русија сè повеќе „ги тестира своите капацитети за мека моќ“ користејќи ги социјалните мрежи и сајбер-нападите како инструменти на влијание.

„Русите разбираат дека Тбилиси и Грузија се клучот за Кавказ. Америка и Европа им ја отстапуваат Грузија на Русите“, рече Зурабишвили.

Таа додаде дека сегашната грузиска влада сè повеќе ја приспособува својата политика на интересите на Москва. Според неа, нестабилноста во Грузија и нејзиното приближување кон руската сфера на влијание претставуваат опасност за Азербејџан и за Ерменија, како и за целата геополитичка улога на Кавказ.

Текстот Зурабишвили: Западот им ја предава Грузија на Русите е превземен од МАКФАКС.