Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека е подготвен да воведе економски санкции врз Русија доколку рускиот претседател Владимир Путин не се согласи на прекин на огнот, предупредувајќи на сериозни последици.
„Сакаме да заврши. Имаме економски санкции. Зборувам за економски бидејќи нема да влеземе во светска војна“, рече Трамп.
Трамп не постави нова временска рамка за спроведување на санкциите доколку војната во Украина не престане, објави Си-Ен-Ен.
„Нема да има светска војна, но ќе има економска војна. Ќе биде лошо за Русија“, рече Трамп.
Тој изрази надеж дека сè уште постои пат до медијација во постигнувањето договор за прекин на војната во Украина.
Трамп, исто така, повторно посочи дека украинскиот претседател Володимир Зеленски носи дел од вината за конфликтот.
„Она што мислев дека ќе биде најлесно, се покажа како најтешко“, рече Трамп за војната во Украина, наведувајќи дека сè уште мисли дека ќе може да помогне во прекинувањето на тој конфликт.
Трамп неколку пати се закани со воведување санкции кон Русија ако не ја заврши војната во Украина и постави временски рамки за тоа, но подоцна ги продолжи, потсетува CNN.
Фото: принтскрин
Текстот Трамп: Нема да има светска војна, но ќе има економска е превземен од МАКФАКС.