Најмалку 15 лица, вклучувајќи четворица новинари, беа убиени денес во израелските напади врз болницата Насер во градот Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа, соопштија палестинските здравствени власти.

Меѓу загинатите е и снимателот на „Ројтерс“, Хусам ал-Масри.

Фотографот Хатем Халед, исто така поврзан со „Ројтерс“, беше ранет во вториот напад, кој се случи додека спасувачите и новинарите брзаа кон местото на првиот удар.

Очевидци изјавија дека нападите следеле по пристигнувањето на спасувачите и медиумските екипи на местото на првиот напад.

Еден спасител бил меѓу загинатите, а здравствените службеници ги идентификувале новинарите Маријам Абу Дага, Мохамед Салама и Моаз Абу Таха.

„Асошиејтед Прес“ потврди дека меѓу убиените во израелските напади врз болницата Насер е и нивната колешка, 33-годишната новинарка Маријам Дага.

Во соопштението, тие велат дека Дага често известувала од болницата и дека нејзините последни статии биле за неухранети деца во Газа.

„Асошиејтед Прес е шокиран и тажен од веста за смртта на нашата колешка Маријам Дага, заедно со неколку други новинари, во Кан Јунис. Маријам редовно известуваше од болницата Насер, а нејзината работа вклучуваше моќни приказни за гладот ​​и неухранетоста кај децата. Таа работеше за АП и други медиуми. Правиме сè што можеме за да ги заштитиме нашите новинари во Газа додека тие продолжуваат да донесуваат витални сведоштва од терен“, се вели во соопштението на агенцијата.

Израелската војска (ИДФ) издаде соопштение по нападот врз болницата.

„Началникот на Генералштабот нареди што е можно поскоро да се спроведе почетна истрага. Израелските одбранбени сили жалат за сите невини жртви и не ги таргетираат новинарите како такви. Војската дејствува за да ја минимизира штетата врз невините, а воедно да ја одржува безбедноста на израелските сили“, се вели во соопштението.

Од почетокот на војната во Газа на 7 октомври 2023 година, повеќе од 240 палестински новинари се убиени во израелски напади, според Палестинскиот сојуз на новинари, како што објави „Ројтерс“.

Фото: ЕПА

Текстот Застрашувачки снимки од напад врз болница во Газа, меѓу загинатите има и новинари е превземен од МАКФАКС.