Руски борбен дрон „Шахед“ летал над Полска околу два и пол часа пред да се сруши, објави украинскиот портал „Милитарњи“, специјализиран за воени теми.

Според анализата на надзорот на украинскиот воздушен простор, дронот летал над регионите Житомир, Хмелницки, Тернопол и Лавов во Украина во ноќта од вторник кон среда, а потоа влегол во Полска.

Растојанието од границата до местото на падот во селото Осини е околу 200 километри. Со оглед на просечната брзина на руските дронови „Шахед“ од 120 до 150 км/ч, се проценува дека поминал вкупно околу два часа во полскиот воздушен простор (бидејќи не летал целосно право).

Како што наведува „Милитарњи“, дронот не бил откриен од полските системи за надзор во тој период. Додека се вклучиле сирените за воздушен напад во Украина, околу 1 часот по локално време, дронот веројатно веќе го напуштил украинскиот воздушен простор и продолжил да лета над Полска сè додека не се урна во 2:22 часот по варшавско време.

Порталот пишува дека постојат само две сценарија според кои дронот можел да влезе во Полска: намерно таргетирање или внатрешен дефект. Тие нагласуваат дека дури и во случај на дејство на електронско блокирање, автопилотот на дронот го пренасочува кон наменетата цел.

Затоа, сè уште постои можност дронот да имал однапред одредена цел на територијата на членка на НАТО, наведува украинскиот портал.

Дронот што се урна во поле со пченка во Полска е од руско потекло, изјави вчера полскиот министер за одбрана Владислав Косињак-Камиш, нарекувајќи го тоа провокација.

Експлозијата скршила прозорци во неколку куќи, но никој не е повреден, објави полската новинска агенција ПАП. Полицијата пронашла изгорени метални и пластични делови на местото на падот, се додава.

Истражителите изјавија дека дронот оставил кратер широк шест метри и длабок 50 сантиметри. Не е јасно дали експлозијата се случила во воздух или кога удрил во земјата.

Членка на ЕУ и НАТО, Полска е еден од најблиските политички и воени сојузници на Украина.

фото: принтскрин

Текстот (Видео) Рускиот дрон летал низ полскиот воздушен простор неколку часа пред падот е превземен од МАКФАКС.