Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на централната свеченост по повод 18 Август, Денот на Армијата, што се одржа во касарната „Јане Сандански“ во Штип.

Таа нагласи дека филозофијата на самоодржливост, наследена од Илиденците и партизаните, претставува темел на македонската воена доктрина.

Сиљановска-Давкова потсети дека Армијата повеќе од три децении ја гради својата приказна како вистински чувар на татковината: од учество во мировни мисии до помош на граѓаните во кризни состојби и затоа ужива највисока доверба меѓу граѓаните.

Според неа, иако безбедносните предизвици наметнуваат потреба од поголеми вложувања во одбраната, тие мора да бидат насочени не само во вооружување, туку и во јакнење на институциите, инфраструктурата, науката, образованието и здравството.

Како можни долгорочни проекти, таа ги посочи изградбата на НАТО клинички центар, Центар за обука на обучувачи на полигонот „Криволак“ и Развој на локалната одбранбена индустрија.

Во обраќањето, претседателката укажа на значењето на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ како водечка високообразовна и научно-истражувачка институција, како и на потребата од родова еднаквост и спроведување на родовиот акциски план 2025-2028.

Претседателката порача дека Армијата, иако бројно мала, е голема по дух, знаење и љубов кон татковината. Таа е способна да го штити територијалниот интегритет и независноста на Републиката и да продолжи да биде кредибилен НАТО сојузник.

Во рамките на централната свеченост Сиљановска-Давкова со Орден за воени заслуги го одликуваше Центарот за обука на питомци и офицери.

Одликувањето беше доделено за извонредните успеси во организацијата и реализацијата на обуката на питомците и кандидатите за офицери, како и за стратешкиот и долготраен придонес во јакнењето на одбранбената способност преку вложување во образованието и едукацијата. со што се изградени генерации посветени и професионални воени лидери.

На свеченото одбележување на Денот на Армијата, признанија им беа врачени и на прворангираните потпоручници и водници. Со ова, тие се стекнаа со правото да ги носат првите офицерски и подофицерски чинови./Макфакс

Текстот Сиљановска-Давкова: Да продолжиме да градиме силна и кредибилна Армија е превземен од МАКФАКС.