ВМРО-ДПМНЕ ја обвини СДСМ дека продолжува со ширење, како што велат, лажни и неосновани обвинувања и манипулации во врска со Алта банка. Од владејачката партија реагираат дека откако не успеале претходните обиди за создавање паника околу банката, сега опозицијата отвора нова тема и ја проблематизира јавната аукција.
„Откако им пропаднаа сите досегашни обиди за креирање страв и општа паника со случајот Алта банка, СДС сега замерка му најде и на јавната аукција.
СДС и Филипче отвораат нова епизода од политичката кампања, обидувајќи се јавна и транспарентна постапка, како што е јавната аукција за Алта банка, да ја претстават како тајна зделка“, се наведува во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека претходно СДСМ изнесувала обвинувања за наводни сомнителни милионски трансфери кон Србија и Русија, финансиски одливи, како и сценарија за пропаѓање на банката и загрозување на средствата на граѓаните. Според владејачката партија, овие најави и обвинувања не се оствариле.
„Наместо да се води сериозна дебата заснована врз факти, СДС само се обидува да создаде недоверба и вознемиреност кај јавноста преку вакви политички конструкции. Да беа толку посветени на партиската консолидација, на подготовка на програма и понуда до граѓаните, СДС и Филипче ќе го имаа подобрено и рејтингот, кој им е на прагот на статистичка грешка“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата најавуваат и дека со новиот Кривичен законик ќе се воведе ново кривично дело, за кое ќе биде предвидена затворска казна за изнесување неточни информации во јавноста доколку со нив се загрозува стабилноста на банкарскиот систем.
„Во новиот Кривичен законик ќе се воведе ново кривично дело казниво со казна затвор за секој оној кој со својата службена или општествена положба и углед, со лажни изјави или исправи ќе изнесе во јавност неточни информации со што ќе ја загрози стабилноста на банкарскиот систем“, се додава во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека граѓаните заслужуваат транспарентност, проверливи информации и одговорност од политичките чинители, а не обвинувања без докази и создавање паника.



















