Украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна во Соединетите Американски Држави на клучни разговори со американскиот претседател Доналд Трамп и европските лидери за завршување на војната во Украина, а се соочува со зафатен распоред во Белата куќа, објавува „Киев пост“.
Во објава на Телеграм, Зеленски рече дека сите подеднакво сакаат брз и сигурен крај на војната, додавајќи дека мирот мора да биде траен.
„Не како пред многу години, кога Украина беше принудена да се откаже од Крим и дел од Донбас, а Путин едноставно го искористи тоа како појдовна точка за нов напад. Или кога на Украина ѝ беа дадени наводни ‘безбедносни гаранции’ во 1994 година, што не функционираше“, напиша тој.
Зеленски нагласи дека Украина не требало да се откаже од Крим во 2014 година, „исто како што Украинците не се откажаа од Киев, Одеса или Харков по 2022 година“. Според него, украинските одбранбени сили моментално напредуваат во регионите Донецк и Суми.
„Ние ќе ја заштитиме Украина, ефикасно ќе ја гарантираме нејзината безбедност, а нашиот народ секогаш ќе му биде благодарен на претседателот Трамп, на сите во Америка и на секој партнер за нивната поддршка и непроценлива помош“, рече тој. „Русија мора да ја заврши оваа војна што ја започна. И се надевам дека нашата заедничка сила со Америка, со нашите европски пријатели, ќе ја принуди Русија да постигне вистински мир“, додаде Зеленски.
Зеленски и делегација од европски лидери отидоа во САД откако учествуваа на состанокот „Коалиција на волните“ во Брисел. Се очекува разговорите со Трамп да се фокусираат на опциите за завршување на војната во Украина и можноста за средба меѓу Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин.
Во објава на социјалните мрежи, Трамп рече дека членството на Украина во НАТО и враќањето на Крим „не се тема“ во преговорите за завршување на руската инвазија.
„Претседателот на Украина може да ја заврши војната со Русија речиси веднаш ако сака, или може да продолжи да се бори“, напиша Трамп, додавајќи: „Нема враќање на Крим и НЕМА ПРИКЛУЧУВАЊЕ НА УКРАИНА ВО НАТО. Некои работи никогаш не се менуваат!!!“
Трамп, исто така, објави: „Утре е голем ден во Белата куќа. Никогаш не сум имал толку многу европски лидери одеднаш. Голема чест е да ги угостиме!!!“, осврнувајќи се на средбата со Зеленски, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и лидери како што се Французинот Емануел Макрон, Британецот Кир Стармер и Италијанката Џорџа Мелони.
Собирот следува по самитот на Трамп со Владимир Путин во Алјаска, каде што рускиот лидер наводно се согласил на гаранција „слична на Член 5“ за Украина како дел од потенцијален договор.
Текстот Зеленски: Нема да ги повториме грешките од минатото е превземен од МАКФАКС.