Нападите врз иранските капацитети за збогатување ураниум, како оној во Натанц, не носат ризик од нуклеарна катастрофа од размерите на Чернобил или Фукушима, објави „Би-Би-Си“, повикувајќи се на проценки на нуклеарни експерти.

Според Би-Би-Си, цел биле објекти за збогатување ураниум, а не активни реактори каде што се случува нуклеарна фисија. Токму поради ова, опасноста од ширење на радиоактивноста е минимална.

„Нема нуклеарна реакција во постројката за збогатување ураниум, за разлика од нуклеарната централа“, објаснува за Би-би-си Симон Мидлбург, експерт за нуклеарни материјали од Универзитетот Бангор. Во електраната се одвива контролирана фисија – разделување на атомите на ураниум – што создава топлина, како и високо радиоактивен отпад.

Во збогатувањето ураниум, напротив, постројките произведуваат само гориво – не се случува нуклеарна реакција.

Честичките на ураниум може да завршат во околината, но нема да има експлозија

Ако таков објект се бомбардира, вели Мидлбург, честичките на ураниум во процесот на збогатување би можеле да бидат ослободени во животната средина, но нема да има нуклеарна експлозија или раширена радијација.

„Опасноста ќе остане локализирана, без радиолошки ризик надвор од помалата зона околу погодениот објект“, рече Мидлбург.

Би-Би-Си потсетува дека синоќа израелските сили извршија нови напади врз објекти во Натанц. Засега нема информации за истекување на радиоактивен материјал.

Текстот „Би-Би-Си“: Израелските напади врз иранските нуклеарни постројки нема да предизвикаат нов Чернобил е превземен од МАКФАКС.