Дилемата дали САД треба да му се придружат на Израел во нападот на Иран или да останат целосно на маргините ги разоткри поделбите меѓу поддржувачите на американскиот претседател Доналд Трамп, пишува денеска Би-Би-Си.
Републиканскиот претседател размислува дали да му помогне на Израел да ги нападне иранските нуклеарни постројки по вчерашната средба со неговите советници за национална безбедност во Белата куќа. За време на предизборната кампања, Трамп често ги критикуваше глупавите бескрајни војни на Блискиот Исток, но потенцираше и дека Иран не смее да има нуклеарно оружје.
Можноста тој да ги вовлече САД во друга криза во странство, предизвика жесток конфликт во Републиканската партија.
Меѓу оние кои изразија сомнеж за иранските нуклеарни планови е директорот на Трамп за национално разузнавање, Тулси Габард, која во март му рече на Конгресот дека иако збогатувањето на ураниум во Иран е на рекордно ниво, експертите не веруваат дека тој развива нуклеарно оружје.
На 10 јуни, само три дена пред почетокот на израелските напади врз Иран, Габард објави видео во кое предупредува дека политичките елити непромислено поттикнуваат страв и тензии кои би можеле да го доведат светот на работ на нуклеарно уништување.
Според Политико, Трамп збеснал од тоа видео. „Не ми е грижа вели таа“, им рече тој на новинарите на прашањето што мисли за нејзините изјави во Конгресот.
„Мислам дека беа многу блиску до оружје“, додаде тој. Таа подоцна ги обвини медиумите дека нејзините претходни изјави ги извадиле од контекст, велејќи за Си-Ен-Ен дека мисли исто како Трамп.
Габард не е сама меѓу републиканците во критиките за потенцијалното американско учество во конфликтот. Конзервативниот републикански конгресмен Томас Маси од Кентаки вчера пред демократите претстави предлог-закон со кој ќе се спречи Трамп да ги вклучи американските вооружени сили во конфликт со Иран без одобрение на Конгресот.
„Тоа не е наша војна. Ако беше, Конгресот според нашиот Устав мора да донесе одлука за такви прашања“, објави Маси на „Икс“. Неколку поддржувачи на доктрината „Америка на прво место“ на Трамп истакнаа дека тој ветил дека нема да ги вклучи САД во „вечни војни“ како што се војните во Авганистан и Ирак каде загинаа илјадници американски војници.
Поранешниот водител на Фокс њуз Такер Карлсон ги повика САД да не се мешаат во конфликтот со Иран. Во својот подкаст, тој ги критикуваше републиканските воинотворци, а Трамп го нарече изрод. Конгресменката од Џорџија, лојална на Трамп, Марџори Тејлор Грин неочекувано застана на страната на Карлсон, велејќи дека секој што поддржува таква интервенција не е за „Америка на прво место“.
Тензиите кулминираа вчера со вербална пресметка за време на интервјуто помеѓу Карлсон и сенаторот од Тексас, Тед Круз. Круз се бранел кога Карлсон го прашал дали ја знае етничката структура на Иран.
„Вие сте сенатор кој повикува на соборување на иранската влада и не знаете ништо за таа земја!“, му рекол тој. „Не, вие не знаете ништо за таа земја!“, возврати Круз.
Стив Банон, поранешниот политички стратег на Трамп, во подкастот на Карлсон рече дека ако на „длабоката држава“ и се дозволи да ги вклучи САД во војна со Иран, таа ќе ја разнесе коалицијата на поддржувачи на Трамп.
„Ако сме вовлечени во таа војна, која изгледа неизбежна во однос на борбените дејствија, таа не само што ќе ја разнесе коалицијата, туку и ќе го спречи најважното нешто, а тоа е депортацијата на илегалните странски напаѓачи кои се тука“, рече тој.
Друг конзервативен политички коментатор, Чарли Кирк, кој вели дека е поблизок до изолационистите во таа дебата, рече на „Икс“ дека Трамп е „прагматичен“ и го цени „здравиот разум“.
„Не знам дали претседателот Трамп ќе избере да ја вклучи Америка во војна против Иран“, напиша тој. „Но, верувам дека тој е човекот кој ќе ја донесе вистинската одлука.
Сенаторот од Кентаки, Мич Меконел, рече дека ова „беше некако лоша недела за изолационистите“ во партијата.
„Се случува некои во изолационистичкото движење предводено од Такер Карлсон и Стив Банон да бидат многу загрижени дека можеме да им помогнеме на Израелците да ги поразат Иранците“, рече тој за Си-Ен-Ен. Другите јастреби во партијата силно притискаат Трамп да го нападне Иран.
Сенаторот од Јужна Каролина, Линдзи Греам, рече дека е во национален безбедносен интерес на САД да го спречат Иран да развие нуклеарна бомба. Техеран тврди дека неговата нуклеарна програма има чисто цивилни цели, како што е производството на енергија.
Меѓутоа, на платформата „Truth Social“ на Трамп, многумина изразија загриженост дека САД повторно би можеле да се вплеткаат во конфликт на Блискиот Исток.
„Нема војна со Иран. Нема повеќе војни во странство“, напиша еден корисник.
„Америка на прво место!“, додаде.
Друг коментатор предупреди дека мешањето на САД во израелските операции може политички да ги чини републиканците во годините што доаѓаат.
„Не правете го тоа. Републиканците никогаш повеќе нема да победат ако го направите тоа“, напиша тој.
Текстот Републиканците поделени околу вмешаноста на САД во војната со Иран е превземен од МАКФАКС.