Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев денеска иронизираше со најавата на премиерот Зоран Заев дека македонските ученици ќе можат да изберат дали да го учат српскиот јазик

„Дали таква би била и честитката на премиерот Заев до Бугарите во Македонија по повод бугарскиот празник?“, прашува Ковачев.

Тој дури и напиша и честитката која очекува Заев да им ја упати на Бугарите по повод Националниот ден на Бугарите во Република Северна Македонија.

„Денес граѓаните на бугарската заедница го слават празникот Националниот ден на Бугарите во Република Северна Македонија, кој се слави на денот посветен на еден од најсветлите и најсветите луѓе во историјата на бугарскиот народ – Гоце Делчев“, пишува Ковачев.

Според него, Заев треба да најави и изучување на бугарскиот јазик и култура за разлика од времето кога југословенската комунистичка партија на Тито ги укина во 1944 година.

„Ги отстрануваме од учебниците сите пасуси во кои Бугарите и Бугарија се прикажани како Татари-Монголи, окупатори, фашисти и непријатели на Македонците. Ние го потврдуваме бугарскиот историски идентитет на сите преродбеници и револуционери кои се декларираа како Бугари и го нарекоа нивниот јазик – бугарски“, пишува Ковачев.