Двајца жители на Куманово се приведени откако синоќа, за време на полувремето од кошаркарски натпревар, се обиделе физички да нападнат играч од домашната екипа и да му го соблечат дресот.
„На 17.05.2025 во 20.00 часот, полициски службеници од СВР Куманово ги лишија од слобода А.Ј. (36) и Д.С. (29), двајцата од Куманово“, информира Министерството за внатрешни работи.
Инцидентот се случил во спортската сала на средното училиште „Перо Наков“ во Куманово, на полувремето од натпреварот меѓу МКК Куманово и МЗТ Скопје, кој се играл во рамки на кошаркарската Супер лига.
Според информациите од МВР, двајцата осомничени се обиделе да нападнат играч од домашниот тим, МКК Куманово, и да му го соблечат дресот.
„Лицата се приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава“, велат од полицијата.