Граѓанската организација Новинари за човекови права денеска го отвори дневниот центар „Гнездо“ за деца и семејства во социјален ризик.
Дневниот центар „Гнездо“ е основан со поддршка од Сојузното министерство за труд, социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите на Австрија, а во соработка со невладината ЕКПАТ Австрија.
Ова е прв центар од ваков тип во Македонија, кој ќе функционира како безбеден и поддржувачки простор за најранливите категории граѓани, нудејќи психо-социјална помош, неформална едукација со посебен акцент на деца и млади, правно советување и дневна грижа.
„Овој Центар не претставува само инфраструктурен објект. Тој претставува симбол на солидарност, човечност и вистинска грижа за секое дете и секое семејство во нашата заедница. Тука ќе се обезбедува психосоцијална, образовна, правна и практична помош и поддршка. Тој ќе претставува место каде што секој ќе може да се почувствува слушнат, разбран и поддржан. Тоа се и нашите заложби како министерство, да изградиме мрежа на сигурност и можности, каде што децата ќе имаат пристап до образование, грижа и љубов, а родителите – поддршка, разбирање и алатки за подобра иднина. Суштината на нашата визија за праведно и инклузивно општество се луѓето – особено оние кои најмногу имаат потреба од поддршка“, изјави државниот секретар при Министерството за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Сабриу.
„Во време кога многу семејства се соочуваат со несигурност, а децата секојдневно се изложени на ризици, создавањето на вакви простори е повеќе од потребно – тие се неопходни. „Гнездо“ не е само простор, туку заедница. Тоа е место каде секое дете ќе може да се чувствува безбедно, прифатено и сакано. Место каде што поддршката не е само услуга, туку вредност. Во мојата секојдневна работа, често се среќавам со приказни на деца и семејства кои минуваат низ тешки, болни, понекогаш и невидливи борби. И секој пат кога ќе видите детска насмевка вратена, знаете зошто оваа работа има смисла. „Гнездо“ токму тоа ќе биде – место каде децата ќе бидат видени, слушнати, и најважно – прифатени“, рече в.д. директорот на Меѓуопштински центар за социјални работи на Град Скопје, Хамза Амети.
„Овој простор е повеќе од центар – тој е иницијатива изградена со визија, посветеност и љубов. Наша цел е да создадеме безбедно место, поддршка и систем на помош за целата заедница, особено за децата и семејствата во ризик. Во рамки на „Гнездо“ ќе функционира дневна градинка за 16 деца од предучилишна возраст, две менторски групи за вкупно 28 ученици од основно училиште, како и психосоцијална поддршка за млади и семејства преку тим од стручни лица – социјален работник, психолог и специјален едукатор“, истакна координаторката на проектот, Андреа Накова од Новинари за човекови права.