Шестиот самит на европската политичка заедница под мотото „Нова Европа во нов свет“ се одржува во Тирана, на кој учествуваат лидери од повеќе од 40 европски земји, меѓу кои и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Домаќини на самитот се албанскиот премиер Еди Рама и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, а една од темите на средбата е поддршката за европската интеграција на Западен Балкан, економската соработка, енергетската безбедност и зелената транзиција.
Премиерот на Албанија ги пречека лидерите и официјалните лица кои учествуваат на самитот на плоштадот Скендербег во Тирана, а на самитот присуствуваат лидерите на земјите од регионот, претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган, премиерката на Италија Џорџа Мелони, генералниот секретар на НАТО Марк Руте, високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност.
На самитот присуствува и македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, кој од вчера најавува дека ќе биде слушната убава вест за македонските граѓани.
Дискусиите ќе се одржат на неколку тематски сесии на високо ниво, со фокус на безбедноста и демократската стабилност на Европа, конкурентноста и економската безбедност, сложената динамика на миграцијата и војната меѓу Русија и Украина.
На крајот на самитот ќе се одржи прес-конференција, која заеднички ќе ја водат домаќинот на средбата Рама и премиерката на Данска, Мете Фредериксен, чија земја следната година ќе биде домаќин на Самитот на Европската политичка заедница.