Општина Илинден континуирано работи на урбанизација на сите населени места. Овој пат, најголема насмевка на лицата имаа најмалите жители на населеното место Илинден, кои добија ново детско игралиште. Ова спортско-рекреативно катче се наоѓа во Илинден, близу новото подрачно основно училиште, соопшти Општината.
Поставено е на изградена бетонска плоча, врз која се поставени гумени плочки. Во рамки на детското игралиште има реквизити: комбинирана лизгалка, двојна лулашка, единечна клацкалка и други разни детски фигури. Игралиштето е оградено со ограда во вид на моливи. Исто така, поставени се и павер елементи и осветлување, како и клупи и корпи за отпадоци, кои се неопходен и неизоставен дел за уредување и одржување на просторот.
Градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, изврши увид на детското игралиште и истакна дека освен во просторната урбанизација, ова игралиште е од особена важност за релаксација и рекреација на најмалите жители.
Новите детски игралишта претставуваат континуитет на успешните проекти на Општина Илинден за урбанизација и уредување на сите населени места во општината. Во наредниот период ќе бидат изградени нови и реконструирани постојните игралишта и во останатите населени места, соопшти општина Илинден.