Една пациентка што се лекувала во Бугарија и еден пациент што се лекувал во Србија вчера се вратиле во земјата. Со тоа вкупниот број на пациенти кои остануваат да се лекуваат во странство утринава е 113. Ова на прес-конференција денеска го соопшти министерот за здравство Арбен Таравари.
До вечерва во болниците надвор од Македонија ќе бидат згрижени 108 пациенти, бидејќи денеска очекуваме враќање на уште пет, четворица кои беа на лекување во Шпанија и еден од Грција. За жал четворица пациенти остануваат да бидат критични, тие се во многу тешка состојба, но според информациите кои ги добиваме, пациентите се стабилни. Сепак, да бидеме внимателни во изјавите бидејќи нивната состојба флуктуира, нагласи Таравари.
Што се однесува до бројот на хоспитализирани кај нас, Таравари рече дека остануваат на лекување само уште 23 пациенти кои се во добра општа состојба, другите се испишани, а во наредните денови ќе брифираат за понатамошни испишувања.
„Очекуваме сè повеќе испишувања во наредните денови и од нашите болници и од странство, така што можам да кажам дека трендот на заминувања на домашно лекување е во нагорна линија. Согласно протоколите, оние кои се враќаат од странство ќе бидат задржани барем 24 часа во болница откако ќе биде направена тријажа. Очекуваме половина да се вратат, но некои се и оперирани, па најверојатно нив ќе им треба подолг престој во болница“, рече Таравари.
Тој истакна уште дека во наредните денови ќе информира и за евентуално формирање центар за изгореници, чија реализација се планира во наредните недели.