Ако пријателите се познаваат во мака, тогаш слободно можеме да заклучиме дека Македонија ги има многу. Во овие моменти на тага и болка поради кочанската трагедија, земјава освен зборови за утеха и сочувство, од многу пријатели доби огромна помош. Еден од тие пријатели е и нашиот источен сосед Бугарија. Во болниците во Софија, Варна и Пловдив се примени вкупно 15 лица, од кои само двајца на возраст од 30 години, сите други се помлади, од кои пет се под 18 години.
Што покажа трагедијата во Кочани за односот меѓу Бугарија и Македонија?
Иако имавме и се уште имаме тензии и непријатности на релација Скопје-Софија во однос на нашиот евроинтегративен пат, Бугарија покажа солидарност и силна пријателска поддршка. Воено-транспортниот авион „Спартан“ и шест амбулантни возила од итната медицинска помош во Софија веднаш беа ангажирани за транспорт на најтешко повредените. Бугарските медицински тимови, меѓу кои и тројца лекари со македонско потекло, беа меѓу првите што помогнаа во спасувањето на животите на повредените. За дел од бугарската јавност, се покажа блискоста меѓу двата народи. Според бугарскиот аналитичар и скулптор по професија, Андреј Врабчев, најважното што се докажа со настаните е дека меѓу луѓето постои сочувство, чувство на емпатија и блискост. Исто така, вели тој во изјава за „Локално“ стана очигледно дека создавањето на тензија е вештачко и насочено кон служење на конкретни интереси различни од оние на општеството.
-Сметам дека човечката драма на толку многу луѓе не треба да се политизира и инструментализира. Изразувам сочувство до сите засегнати и честитки и поздрави до сите кои дојдоа да помогнат, потенцира Врабчев.

Андреј Врабчев
Состојбата на повредените во пожарот во Кочани што се хоспитализирани во болниците во Софија, Варна и Пловдив е стабилна, изјави пред два дена бугарскиот министер за здравство Силви Кирилов и посочи дека најтешка околност при нивното лекување е вдишувањето гасови за време на пожарот. Најголем проблем за повредените, посочи дека е вдишувањето на гасови за време на пожарот.
Одговарајќи на прашањето дали може да се размислува за тоа дел од пациентите да се испуштаат од болниците на домашно лекување, Кирилов рече дека е рано да се зборува на таа тема, оти голем дел од пациентите имаат отворени рани што се лекуваат, а за што веројатно ќе бидат потребни пластични операции.
За дел од бугарското општество, донекаде и изненадувачки делува хуманоста на актуелните бугарски функционери. Според Паскал Гонов, во принцип, политичарите од Бугарија се фокусирани на сопствените проблеми и ретко имаат адекватна реакција на настани надвор од територијата на нивната земја. Меѓутоа, за среќа, како што вели тој за „Локално“, има случаи кои се исклучоци од ова правило, а потоа, зачудувачки дури и за нив самите, „бугарската владејачка елита како да се разбуди и да дава знаци на живот и хуманост“.
Целиот материјал прочитајте го во lokalno.mk