Граѓаните да бидат спокојни оти Владата и Народната банка имаат свои инструменти со кои целосно ја контролираат состојбата со „Алта банка“, уверува и денес премиерот Христијан Мицкоски. Одговорајќи на новинарски прашања во Пирава, Валандово, рече дека апсолутно нема простор за загриженост, целта е банката да се спаси бидејќи се работи за здрава финансиска институција. Им порача на граѓаните да не веруваат во црните сценарија што ги шири опозицијата.
„Владата и опозицијата, конкретно СДСМ, имаат различна амбиција. Тие се радуваат на црните сценарија, ние се обидуваме од петни жили да најдеме решение, односно купец којшто ќе ја купи банката, бидејќи банката е навистина во одлична состојба. Тие се радуваат граѓаните да не бидат обесштетени по принципот на ТАТ од времето на СДСМ, по принципот на Еуростандард банка од времето на СДСМ. Јас кажав и стојам на тоа дека до последниот цент секој доверител, секој штедач ќе биде обесштетен, бидејќи најголемиот дел од штетните влогови се осигурени во Фондот за осигурување на штетни влогови, а активата на банката е многу поголема од побарувањата. Но, ние се трудиме да не дојде до тоа, односно ова црно сценарио за кое што се моли секој ден и работи опозицијата СДСМ, да не се случи, односно да најдеме купец. Следните неколку денови заедно со гувернерот и министерката за финансии ќе имаме средба, односно средби со повеќе финансиски институции коишто би можеле да бидат потенцијални купци на банката“, рече премиерот Мицкоски по свеченото пуштање во употреба на системот за наводнување „Страиште“ во Пирава.
Ги замоли граѓаните да не веруваат во она што го кажува опозицијата оти шири исти невистини како оние за носење мигранти или дека државата е банкротирана, тврдења кои не се случија.
Граѓаните кои имаат пари во „Алта банка“ АД Битола имаат ограничен пристап откога на матичната банка во Белград и беше одземена лиценцата и беше отворена стечајна постапка. Народната банка на 1 ноември воведе привремена администрација во „Алта банка“ која го ограничи на 20.000 износот што може да се подигне на шалтер и на 10.000 денари износот што може да се подигне од банкомат. Граѓаните со денови во паника доаѓаат пред банката и чекаат во долги редици за да стигнат до шалтерите.





















