Жителите на три згради во 19-тиот арондисман во Париз не смеат да користат топла вода во изминатиот месец, откако во нивниот систем за топла вода е откриено покачено ниво на бактерија легионела, која предизвикува легионерска болест, објави денеска телевизијата БФМ.

Предупредувањето се однесува на 488 станови, кои оттогаш не смеат да користат топла вода за туширање или одржување хигиена во домаќинствата.

Легионерската болест е сериозна инфекција на белите дробови, која се пренесува на луѓето преку респираторниот тракт, со вдишување на микрокапки и аеросоли од контаминирана топла вода.

Луѓето кои веќе имаат хронична болест, пушачите, лицата со ослабен имунитет и повозрасните се изложени на поголем ризик од инфекција со овие бактерии. Смртноста на пациентите е 5-10%.

Изложеноста на легионела не секогаш води до болест. Секоја година, повеќе од 1.000 патници се заразуваат со оваа болест, но ризикот од легионерска болест во сместувачките капацитети може да се намали.

Легионерската болест се пренесува со вдишување на микроскопски капки вода (аеросоли) кои содржат бактерии од родот Legionella кои живеат во вода и се размножуваат во соодветни услови – во застоена вода на температура од 20 °C до 50 °C. Аеросоли во кои е присутна легионела може да се создадат, на пример, кога тече вода од чешма или туш, кога се создаваат меурчиња во водата во хидромасажни базени или преку некои системи за климатизација.

Температурата на водата помеѓу 20°C и 50°C обезбедува поволни услови за развој на легионела.

Ризични места се: цистерни или резервоари за топла или ладна вода, цевки со мал или никаков проток на вода, бигор, корозија и нечистотија на внатрешните површини на цевките, резервоарите, тушевите и славините.

Симптомите на болеста обично започнуваат два до десет дена по изложувањето, а во ретки случаи, потребни се и до три недели за да се развијат.

Најчести симптоми на болеста се: висока температура, треска, главоболка и болки во мускулите.

После тоа, се појавува сува кашлица и проблеми со дишењето кои можат да прераснат во тешко воспаление на белите дробови, често се јавува дијареа или повраќање, а половина од заболените доживуваат конфузија или делириум. Повеќето пациенти имаат потреба од болничко лекување со соодветни антибиотици.