Претседателот на Европскиот совет Антонио Коста и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен објавија заедничка изјава во која го поздравија договорот од Џеда за преговорите меѓу САД и Украина.

„Ова е позитивен развој што може да биде чекор кон сеопфатен, праведен и траен мир за Украина“, се вели во соопштението.

Тие додадоа дека „топката сега е на теренот на Русија“, нагласувајќи дека понатамошните чекори ќе зависат од Москва.

Европската унија е подготвена да даде целосен придонес во претстојните мировни преговори, заедно со своите партнери, соопшти Брисел.

Соединетите држави и Украина, претходно, издадоа заедничка изјава по состанокот во Џеда, Саудиска Арабија, потврдувајќи дека САД веднаш ќе ја укинат паузата во размената на разузнавачки информации и ќе продолжат со испраќање воена помош за Украина. Киев, исто така, изрази подготвеност да го прифати предлогот на САД за итен, привремен прекин на огнот во траење од 30 дена, кој може да се продолжи со заеднички договор на страните, под услов Русија да се согласи и истовремено да го спроведе.

Претседателите на Украина и на САД постигнале договор и што поскоро да склучат сеопфатен договор за развој на клучните минерални суровини на Украина. Целта на договорот, како што беше наведено, е да се прошири украинската економија, да се надоместат трошоците за американската помош и да се обезбеди долгорочен просперитет и безбедност на Украина.